Светската здравствена организација (СЗО) планира да вакцинира 600.000 деца помлади од осум години во Појасот Газа против детска парализа, изјави денеска генералниот директор на организацијата Тедрос Аданом Гебрејесус, цитиран од ДПА.
Гебрејесус го објави ова откако знаци на болеста беа пронајдени во палестинската енклава разурната од војна.
Сè уште не е објавена временската рамка за кампањата, при што СЗО повика на прекин на огнот во конфликтот меѓу Израел и палестинската исламистичка група Хамас за да се осигура безбедноста на здравствените работници на СЗО.
Организацијата, исто така, посочи дека ќе биде неопходен прекин на непријателствата за да се осигура дека студен синџир може да се одржи без оглед на суровите услови. „Студен синџир“ е термин кој се користи за складирање и транспорт на вакцини на ниски температури.
Во последните недели во канализацијата е забележана вирусна болест полиомиелитис, која се пренесува преку фекално-орален пат, иако сè уште нема потврдени случаи.
Сепак, Светската здравствена организација е загрижена дека во услови на колапс на здравствените системи во Газа, болеста може да се шири незабележано.
-Потребна ни е апсолутна слобода на движење за здравствените работници и медицинската опрема за безбедно и ефикасно извршување на овие сложени операции. Неопходен е прекин на огнот или барем неколкудневно затишје за време на подготовката и спроведувањето на кампањите за вакцинација за да се заштитат децата од Газа од полио, рече Гебрејесус.
Во тешки случаи, детската парализа, позната и како полио, може да доведе до парализа или смрт. Болеста е во голема мера искоренета во многу делови од светот.