Свет обид за атентат

Светските лидери го осудија обидот за атентат врз Трамп

Политичкото насилство нема место во демократијата. Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување, објави Лајен на Икс.

Светските лидери го осудија обидот за атентат врз Трамп

Светските лидери го осудија обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборниот митинг во Батлер, Пенсилванија.

– Сè уште сме сведоци на неприфатливи акти на насилство врз политиката, напиша на Икс високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Додека претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен истакна дека е „длабоко шокирана“ од инцидентот.

– Политичкото насилство нема место во демократијата. Му посакувам на Доналд Трамп брзо закрепнување, објави Лајен на Икс.

И претседателот на Украина, Володимир Зеленски на Икс напиша дека е згрозен од веста за пукањето врз Трамп.

– Вакво насилство нема никакво оправдување и нема место никаде во светот. Насилството никогаш не победува. Мило ми е што дознав дека Доналд Трамп е добро и му посакувам брзо закрепнување. Изразувам сочувство до роднините на учесникот во на митингот, кој стана жртва на нападот, им посакувам сила на сите кои се ужаснати од овој настан, се надевам дека Америка ќе излезе посилна од ова, истакна Зеленски.

Премиерот на Канада, Џастин Трудо изјави дека „никогаш не е дозволено политичко насилство. Мислите ми се со поранешниот претседател Трамп, со луѓето на настанот и со сите Американци“.

Тајванскиот претседател Вилијам Лаи му посака брзо закрепнување на Трамп.

– Нема да дозволиме политичко насилство во каква било форма во нашите демократии. Изразувам искрено сочувство до жртвите од нападите, истакна Лаи.

Додека јапонскиот премиер Фумио Кишида наведе дека Јапонија се спротивставува на секој облик на насилствоп што ја предизвикува демократијата.

Претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва пукањето врз Трамп го оцени како неприфатливо.

– Нападот врз поранешниот претседател Доналд Трамп мора одлучно да го осудат сите бранители на демократијата и дијалогот во политиката. Она што го гледаме денес е неприфатливо, посочи Силва.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди го нарече Трамп пријател и му посака брзо закрепнување.

– Силно го осудувам она што се случи. Насилството нема место во политиката и демократијата, истакна Моди.

Претходно обидот за атентат врз Трамп го осудија американските политичари и премиерите на Израел и на Унгарија, Бенјамин Нетанјаху и Виктор Орбан, како и претседателот на Хондурас Ксиомара Кастро де Зелаја.

– Генералниот секретар (Антонио Гутереш) недвосмислено го осудува овој чин на политичко насилство. Тој ги испраќа своите најдобри желби до претседателот Трамп за брзо закрепнување, изјави портпаролот на шефот на ОН.

Претседателот на Франција Емануел Макрон обидот за атентат врз Трамп го оцени како „драма за нашите демократии“ и му посака брзо закрепнување на поранешниот американски претседател.

– Франција го споделува шокот и гневот на американскиот народ, истакна Емануел Макрон.

Додека премиерката на Италија, Џорџа Мелони изрази солидарност со Трамп и повика дијалогот и одговорноста да надвладеат над омразата и насилството.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека е ужаснат од шокантните сцени на митингот на Трамп во Пенсилванија, при што поранешниот претседател е повреден во десното уво.

Политичкото насилство во која било форма нема место во нашите општества и моите мисли се со сите жртви на овој напад, напиша Стармер на Икс.

Претседателот на Аргентина, Хавиер и за обидот за атентат врз Трамп ја обвини „меѓународната левица“ и нејзината „ужасна идеологија“.

– Левицата е подготвена да ги дестабилизира демократиите за да дојде на власт. Опседнати со стравот од губење на изборите, тие прибегнуваат кон тероризам за да ја наметнат својата ретроградна и авторитарна агенда, објави Милеи на Икс.

Обидот за атентат го осуди и претседателот на Србија, Александар Вучиќ истакнувајќи оти треба „да престане лудилото на омразата што се шири низ светот“.

– Му посакувам добро здравје и брзо закрепнување и се надевам дека ќе престане ова лудило на омраза што се шири низ целиот свет, дека ќе има повеќе почит кон различното мислење и дека ќе има помала агресија, особено од оние кои секогаш другите ги обвинуваат за агресија, а нападите обично доаѓаат од таа страна, посочи Вучиќ.

И премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ го осуди обидот за атентат врз поранешниот американски претседател, посочувајќи оти политичкото насилство е најголемата опасност за демократијата.

– Политичкото насилство е неприфатливо. Силно го осудувам нападот врз поранешниот претседател Трамп и му посакувам брзо закрепнување. Политичкото насилство е неприфатливо и е најголемата опасност за демократијата, објави Пленковиќ на Икс.

Австралискиот премиерот Ентони Албанез обидот за атентат го оцени како „непростлив напад врз заедничките демократски вредности на САД и Австралија“.

– Во Австралија како и во САД, суштина и цел на нашите демократии е да можеме да го изразиме нашето мислење, да дебатираме за несогласувањата и да ги решаваме разликите на мирен начин, истакна Албанез во австралискиот Парламент.

Претседателот на Ел Салвадор, Наџиб Букеле, го осуди обидот за атентат врз Трамп и порача дека во демократијата нема место за насилство.

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола изрази шокираност од „страшниот напад“, посочувајќи оти „е неприфатливо политичкото насилство и не смее да има место во нашите општества“.

Претседателот на Кина, Си Џинпинг изјави дека е вознемирен од пукањето и изрази жалење за инцидентот.

Додека германскиот премиер Олаф Шолц на Икс објави дека пукањето врз Трам е „одвратен чин“ и закана по демократијата.

– Нападот врз американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е одвратен. Му посакувам брзо закрепнување. Моите мисли се со сите оние кои беа погодени од нападот. Таквите постапки претставуваат закана за демократијата, напиша Шолц на Икс.

И шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на Икс го осуди обидот за атентат врз Трамп, при што беше елиминиран напаѓачот, а уште едно лице загина, а двајца се тешко повредени од залутани куршуми.

-х Во демократските земји борбите се водат со гласачки ливчиња, а не со оружје. Во овие мрачни часови за американската демократија мислам на жртвите од нападот. Му посакувам на Доналд Трамп и на другите жртви брзо закрепнување, напиша Бербок.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг го осуди нападот потенцијрајќи дека „Нема место во нашите демократии за политичкото насилство“.

Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган исто така го осуди обидот за атентат врз Трамп и му посака брзо оздравување.

– Верувам дека истрагата за нападот ќе биде спроведена на најефикасен начин и поттикнувачите во најкус можен рок ќе бидат изведени пред правдата, со цел да не се фрли сенка на американските избори и глобалната стабилност, истакна Ердоган.

Жалење за инцидентот во Пенсилванија изразија и претседателката и премиерот на Косово, Вјоса Османи и Албин Курти.

– Ние сме солидарни со поранешниот претседател Доналд Трамп, неговото семејство и сите Американци погодени од пукањето на митинг во Пенсилванија. Секаков вид политичко насилство каде било е апсолутно неприфатливо и најостро го осудуваме, објави Османи на Икс.

Додека во твитот на Курти се наведува дека „политичките несогласувања во една демократија секогаш треба да се изразуваат преку мирни форми на говор и протест и да се решаваат преку слободни и фер избори, без исклучок“.

И претседателот на Бугарија, Румен Радев го осуди обидот за атентат врз Трамп.

Насилството и омразата се закана за демократските процеси и се неприфатливи, истакна Радев на Икс.

И претседателот и премиерот на Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама остро го осуди нападот врз Трамп.

– Со жалење дознав за атентатот врз поранешниот претседател Доналд Трамп. Му посакувам брзо закрепнување и изразувам најдлабоко сочувство за загубата на невин живот. Најостро го осудуваме овој напад и сите форми на политичко насилство, за кои нема место во демократијата, напиша Бегај на Икс.

Додека Рама посочи дека се надева оти обидот за атентат врз Трамп ќе ги обедини САД и сите луѓе во демократскиот свет во борбата против насилството.

Вознемирувачко е да се види како е застрелан кандидат за претседател на САД на митинг и да се слушне дека еден од присутните починал, а неколку други се повредени. Ова е трагедија за демократскиот свет. Моите мисли се со поранешниот претседател Трамп и неговото семејство. Сите се надеваме дека овој ужасен настан ќе ги обедини Америка и сите луѓе од демократскиот свет против сите форми на насилство, напиша Рама на Икс.

Најнови вести од Свет

To top