Свет

Светска банка: Војните, климатската криза и ковидот ја запреа борбата против сиромаштијата

Светска банка: Војните, климатската криза и ковидот ја запреа борбата против сиромаштијата

Војните, долговите, климатската криза и пандемијата го запреа напредокот во борбата против сиромаштијата, предупреди денеска Светска банка.

Институцијата со седиште во Вашингтон соопшти дека според сегашните трендови ќе бидат потребни повеќе од 30 години за речиси 700 милиони луѓе кои живеат со помалку од 2,15 долари на ден да се издигнат над општоприфатената дефиниција за екстремна сиромаштија, објави Гардијан.

Во својот Извештај за сиромаштијата, просперитетот и планетата, Светската банка наведе дека веќе е „невозможно“ да се постигне целта поставена од Обединетите нации за ставање крај на екстремната сиромаштија до 2030 година.

Екстремна сиромаштија сè уште преовладува во земјите со низок економски раст, од кои многу се во Африка.

– По децении напредок, светот доживува сериозни неуспеси во борбата против глобалната сиромаштија, изјави извршниот директор на Светска банка Аксел ван Троценбург.

Во извештајот се вели дека ќе биде потребно повеќе од еден век за да се исполни целта за зголемување на приходите над 6,85 долари на ден, што се смета за линија на сиромаштија за земјите со високи средни приходи, како што се Аргентина, Боцвана и Кина.

Во моментов, 3,5 милијарди луѓе, речиси половина од светската популација, живеат со помалку од 6,85 долари на ден, а Светската банка соопшти дека порастот на населението значи дека бројот на сиромашни луѓе според овој критериум едвај се променил од 1990 година.

To top