Свет Алијанса за вакцини

Светска банка и Гави обезбедуваат две милијарди долари за вакцинација

Партнерството со Гави е важен чекор за остварување на нашиот план до 2030 година да обезбедиме квалитетна здравствена заштита за 1,5 милијарди луѓе, изјави претседателот на Светската банка Аџеј Банга. Според него, ова ќе донесе подобра здравствена грижа, нови работни места и поголема економска отпорност.

Светска банка и Гави обезбедуваат две милијарди долари за вакцинација

Светската банка соопшти дека во соработка со Алијансата за вакцини – Гави во следните пет години ќе обезбеди најмалку две милијарди долари за зајакнување на програмите за вакцинација и примарната здравствена заштита.

Двете организации ќе соработуваат и на промовирање на производство на напредни вакцини во Африка, во согласност со целта на Африканската Унија до 2040 година 60 отсто од потребните вакцини да се произведуваат на континентот.

– Партнерството со Гави е важен чекор за остварување на нашиот план до 2030 година да обезбедиме квалитетна здравствена заштита за 1,5 милијарди луѓе, изјави претседателот на Светската банка Аџеј Банга. Според него, ова ќе донесе подобра здравствена грижа, нови работни места и поголема економска отпорност.

Гави е јавно-приватно партнерство што обезбедува вакцинација за повеќе од половина од најсиромашните деца во светот. Неговата директорка Санија Ништар изјави дека проширената соработка со Светската банка е „логичен продолжеток на заедничките напори за изградба на стабилни здравствени системи“.

Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор во јуни изјави дека САД повеќе нема да издвојуваат средства за Гави, обвинувајќи ја организацијата дека ја занемарува безбедноста и барајќи да се оправдаат осумте милијарди долари што Вашингтон ги уплатил од 2001 година.

Кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп во април најави дека планира да ја укине и годишната уплата од околу 300 милиони долари како дел од поширокото кратење на меѓународната хуманитарна помош.

Во јуни Гави собра над девет милијарди долари за вакцинација на деца во наредните пет години, што е помалку од целта од 11,9 милијарди. Донатори како Германија, Норвешка и Фондацијата Гејтс остануваат меѓу главните поддржувачи.

To top