Британскиот премиер Кир Стармер соопшти дека Велика Британија парите од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи на рускиот милијардер Роман Абрамович ќе бидат префрлени во хуманитарен фонд за Украина.
– Можам да објавам дека одобруваме трансфер на 2,5 милијарди фунти од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи, пари кои беа замрзнати во 2022 година. Мојата порака до Абрамович е оваа: Времето истекува, почитувајте ги обврските што сте ги презеле и платете сега, истакна Стармер пред пратениците во Долниот дом.
Тој додаде дека британската Влада е подготвена „да оди на суд“ ако Абрамович одбие да плати.
Абрамович, поранешниот гувернер на рускиот автономен регион Чукотка, го продаде фудбалскиот клуб на Челзи во 2022 година, под притисок од британската влада по почетокот на руската инвазија на Украина. Потоа доби дозвола од британската Влада да го продаде клубот, под услов парите да бидат потрошени за помош на жртвите од руската инвазија во Украина.
Парите од продажбата се на британска банкарска сметка управувана од компанијата Фордстам на Абрамович. Парите се замрзнати оттогаш, поради застој во преговорите со Абрамович околу тоа дали парите треба да се потрошат само за помош на Украина или би можеле да се потрошат за помош во друга земја.