Свет

Стано: ЕУ нема донесено одлука за испраќање војници во Украина

Стано: ЕУ нема донесено одлука за испраќање војници во Украина

На ниво на ЕУ не е донесена каква било одлука за испраќање вооружени сили во Украина кои би се бореле на теренот, туку само постои консензус дека на земјата треба да си пружи се што е потребно и колку што ќе биде потребно за да го оствари нејзиното законско право на одбрана од руската инвазија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

– Ставот на ЕУ е јасен уште од почетокот на конфликтот: Ние мора да ја поддржиме Украина и тоа важи и кога се однесува за нејзината одбрана. Начинот на кој ќе се прави тоа, вклучително и воената поддршка, зависи од земјите членки на ЕУ и тоа е суверена одлука што тие самите ја носат, додаде Стано во одговор на новинарско прашање за коментар на изјавата на претседателот на Франција, Емануел Макрон дека не ја исклучува можноста за распоредување на француски војници во Украина.

Според Стано, ЕУ останува на својот став да ја поддржи Украина во нејзиното законско право да се брани од руската агресија и земјите членки во повеќе наврати се согласија за финансиска, хуманитарна, политичка, дипломатска и воена поддршка на земјата.

– Дел од воената поддршка е на ниво на ЕУ, преку Европскиот мировен механизам, но главниот дел оди преку билатералниот придонес на земјите членки. Земјите членки сами решаваат кој е најдобриот начин на кој можат да ги задоволат потребите на Украина, истакна Стано.

Тој додаде дека е ЕУ ја поздравува најавата на францускиот претседател Макрон за испраќање на дополнителни количества на ракети со голем дострел и муниција на Украина, бидејќи тоа е во согласност со определбата на Унијата за поголема и побрза испорака на потребната опрема за одбрана на земјата.

– Секој модел што земја членка или група земји членки ќе го одберат за да ја забрзаат испораката на муниција за Украина е добредојден, додаде Стано.

На вчерашната средба на поголем број европски лидери во Париз посветена на поддршката на Украина, Макрон изјави и дека во ЕУ не постои консензус за официјално испраќање на копнени трупи во земјата, но во динамиката на настаните „ништо не може да биде отфрлено“.

– Ќе направиме се што е можно за Русија да не може да победи во оваа војна. Многу луѓе кои сега велат „никогаш“ за ваквата можност, се истите кои пред две години велеа „никогаш“ за испраќање тенкови, авиони и ракети со голем дострел, изјави Макрон.

To top