Советот за човекови права на Обединетите нации денеска усвои резолуција со која Израел се повикува на одговорност за можни воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа.
За резолуцијата гласаа 28 земји, 13 беа воздржани, а шест против резолуцијата, вклучително и САД и Германија, објавија британските медиуми.
Резолуцијата ја нагласува „потребата да се обезбеди одговорност за сите прекршувања на меѓународното хуманитарно право и меѓународното право за човекови права со цел да се стави крај на неказнивоста“.
Во резолуцијата се изразува и „голема загриженост поради извештаите за сериозни прекршувања на човековите права и сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право, вклучително и можни воени злосторства и злосторства против човештвото на окупираната палестинска територија“.
Меирав Ејлон Шахар, постојан претставник на Израел во ОН во Женева, го обвини Советот дека „долго го напушта израелскиот народ и долго го брани Хамас“.
-Според резолуцијата пред вас денеска, Израел нема право да го штити својот народ, додека Хамас има целосно право да убива и мачи невини Израелци, рече таа пред гласањето. Шахар истакна дека гласот „за“ е глас за Хамас.
САД гласаа против резолуцијата бидејќи не содржи конкретна осуда на Хамас за нападите извршени на 7 октомври, ниту „какво било повикување на терористичката природа на тие акции“.
Сепак, тие изјавија дека Израел не направил доволно за да ги ублажи страдањата на цивилите.
-САД постојано го повикуваа Израел да ги прекине воените операции против Хамас… за да се избегнат цивилни жртви и да се осигура дека хуманитарните актери можат безбедно да ја извршуваат својата основна мисија, рече Мишел Тејлор, постојан претставник на САД во Советот.
Според неа, тоа не се случило и за само шест месеци во овој конфликт загинале повеќе хуманитарни работници отколку во која било војна во модерното време. Советот за човекови права на ОН, кој се состанува неколку пати годишно, е единственото меѓувладино тело дизајнирано да ги штити човековите права ширум светот. (МИА)