Свет

Советот на ЕУ усвои одлука за обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина

Советот на ЕУ усвои одлука за обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина

Советот на Европската унија соопшти дека усвоил денеска уште една од потребните одлуки за обезбедување заем од 90 милијарди евра за Украина. Во соопштението се наведува дека се предвидува Киев да почне да ги добива новите средства во второто тримесечје од годинава.

На крајот на јануари, Европскиот парламент гласаше за забрзани преговори меѓу европските институции за обезбедување на заемот. Во декември минатата година, Европскиот совет одлучи заемот да биде повлечен од меѓународните финансиски пазари и опфатен само од земјите од ЕУ кои сакаат да го сторат тоа.

Советот на ЕУ денеска ја одобри својата позиција за правната рамка за заемот за оваа и следната година, со цел брз договор со ЕП, се вели во соопштението. За одлуката гласаа 24 земји.

Доделените средства ќе бидат наменети за макроекономска поддршка (30 милијарди евра) и одбрана (60 милијарди евра). Се предвидува, средствата да бидат потрошени според финансиска стратегија, предложена од украинската страна и по одобрување од европските министри и ЕК.

Се очекува, Украина да набави оружје главно од компании во ЕУ и Норвешка, Швајцарија, Исланд и Лихтенштајн. Се предвидува трошоците за камата на заемот да бидат покриени од буџетот на ЕУ. Ова нема да влијае на придонесите на Чешка, Унгарија и Словачка во буџетот на ЕУ, бидејќи овие земји не се вклучени во обезбедувањето на заемот, се објаснува во соопштението.

Се очекува, Советот на ЕУ да побара согласност од ЕП преку писмена процедура за измена на тековните правила за европскиот буџет. Според прелиминарните прогнози на Меѓународниот монетарен фонд, вкупните очекувани потреби за финансирање на Украина до крајот на следната година изнесуваат 135,7 милијарди евра, доколку војната заврши оваа година, се наведува во соопштението.

Од почетокот на војната, според официјалните податоци, ЕУ обезбедила над 193 милијарди евра помош за Украина.

To top