Опозициските партии во Словенија поднесоа барање за парламентарна истрага за потенцијалното учество и одговорност на јавни службеници во случаите на кражба на бебиња во таа земја во периодот од 1965 до 1991 година, изјави денеска пратеничката на Словенечката демократска партија (СДС) Аленка Јерај.
-Во таканаречената трговија со бебиња, која се случила главно во 70-тите и 80-тите години во поранешна Југославија, повеќе од 20.000 можеби се продадени, рече Јерај и додаде дека се соработува со српско здружение за овие случаи, говорејќи за иницијативата на нејзината СДС и партијата Нова Словенија, пренесуваат словенечките медиуми.
Словенечкото здружение на родители на украдени деца овој проблем минатата година го презентираше до собраниската Комисија за петиции, човекови права и еднакви можности со пропратна документација, а министерката за внатрешни работи Татјана Бобнар тогаш вети дека надлежните служби ќе направат се што е во нивната моќ.
Јерај изјави дека надлежните не презеле ништо, наведувајќи дека медицинскиот персонал инволвиран во повеќе случаи на кражба на бебиња не бил вклучен во полициската истрага, а полицијата не ја презела документацијата од здружението на родители.
Словенечкиот премиер Роберт Голоб претходно оваа недела истакна дека 45 од 59 случаи на сомнителни кражби на бебиња се веќе затворени. (МИА)