Скулпторот Генци Кадриу, Македонец од Голо Брдо, во петок ќе има самостојна изложба во Тирана, којашто е потпомогната од Комитетот за национални малцинства при албанската Влада.
Според објавата на Комитетот на официјалната веб страна, делата на Кадриу ќе бидат изложени во „ParkingArtGallery“, а куратор ќе биде Сеад Казанџиу, потпретседател на Комитетот, кој ќе зборува за делата на Кадриу.
– Изложбата ќе биде отворена на 6 септември во 18 часот. Македонското друштво „Илинден“-Тирана, чија мисија е заштита на македонскиот идентитет и култура, ги повикува сите заинтересирани, љубители на уметноста, припадници на македонското национално малцинство и сите љубители на уметноста, да дојдат и одблиску да ги видат делата на уметникот Генци Кадриу, чие потекло е од селото Требиште област Голо Брдо, а живее во градот Фиер, вели за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.
Кадриу има завршено високо образование на Академијата за ликовни уметности во Тирана во 1990 година, а покрај другите, негово познато дело е „Македонија“ уметничко прикажување на главните личности од македонската историја, изработено врз основа на историски материјали, моделирани во глина.
Како што самиот во една прилика кажа делото ја отсликува посветеноста на јазичното и културното наследство на неговото семејство, кое го вградил во комплементарното уметничко дело и оти „неговата поставка Македонија е рефлексија и на неговата посветеност на социјалните прашања, каде уметноста и културата ги обединуваат луѓето и народите“.