Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер денеска ја повика Европа да дејствува со поголема самодоверба како економска сила.
Штајнмајер, на вториот ден од неговата посета на Шпанија, и кралот Фелипе Шести заеднички го отворија германско-шпанскиот економски форум, пренесе ДПА.
– Европа е пазар со повеќе од 450 милиони луѓе, истакна тој. Имаме силно присуство и влијание, и можеме да го искористиме ова влијание, рече Штајнмајер.
Според него, ако одлучувањето во блокот стане побрзо и појасно, тоа ќе ѝ помогне на Европа да го користи ова влијание.
Европа мора „цврсто да стои“ и активно да одговори на притисоците однадвор, како што е војната на Русија во Украина, и доведувањето на основните вредности во прашање од страна на САД, рече тој.
Штајнмајер на вчерашната заедничката седница на Конгресот на пратеници и Сенатот во Мадрид ја повика Европа да се подготви за иднината.
– Потребни ни се реформи за да станеме побрзи и поодлучни, рече тој во својот говор пред двата дома на парламентот.
Штајнмајер денеска се сретна и со шпанскиот премиер Педро Санчез.