Свет Најостра изјава

Шпанскиот премиер го нарече Израел геноцидна држава

Локалните медиуми објавија дека ова е првпат Санчез јавно да го употреби терминот „геноцидна држава“, термин што често го користи крајнолевичарскиот коалициски партнер во неговата влада, Сумар.

Шпанскиот премиер го нарече Израел геноцидна држава

Шпанскиот премиер Педро Санчез во парламентот го нарече Израел „геноцидна држава“ и јасно порача дека Шпанија „не соработува со таква земја“, што е неговата досега најостра изјава за војната во Газа.

-Сакам јасно да кажам, господине Руфијан: ние не работиме со геноцидна држава, ние не работиме, рече Санчез претпладнево во шпанскиот Парламент, одговарајќи му на пратеникот Габриел Руфијан, кој го обвини дека одржува трговски односи со Израел и покрај војната во Газа.

Санчез истакна дека веќе го објаснил својот став и додаде: „Мислам дека другиот ден јасно објаснив од оваа говорница за што зборуваме кога се даваат изјави што не одговараат на вистината“.

Локалните медиуми објавија дека ова е првпат Санчез јавно да го употреби терминот „геноцидна држава“, термин што често го користи крајнолевичарскиот коалициски партнер во неговата влада, Сумар.

Израелското Министерство за надворешни работи веднаш реагираше и ја повика на разговор шпанската амбасадорка во Израел, Ана Саломон.

„Поради тешките изјави дадени од шпанскиот премиер Педро Санчез, шпанскиот амбасадор во Израел е поканет утре во Министерството за надворешни работи во Ерусалим на интервју“, се наведува во соопштението на израелското министерство.

Лидерката на Сумара и втора заменик-премиерка, Јоланда Дијаз, со месеци го обвинува Израел за геноцид и повикува на прекин на трговските односи со еврејската држава.

Изјавата на Педро Санчез доаѓа во време на засилени меѓународни критики за воените операции на Израел во Газа и дополнително затегнати односи меѓу Мадрид и Тел Авив.

Да ве потсетиме дека во мај минатата година Шпанија ја призна Палестина, заедно со Словенија, Ирска и Норвешка. Палестина досега е признаена од 147 земји-членки на ОН, од вкупно 193 од нив. (МИА)

To top