Пратениците во шкотскиот парламент го отфрлија предлог-законот со кој би се овозможила легализација на асистираното умирање.
Предлог-законот беше поднесен од пратеникот Лијам МекАртур од партијата Либерални демократи, а со него на терминално болните и ментално способните возрасни лица би им се овозможило да побараат медицинска помош за прекинување на животот, пренесе Би-Би-Си.
По завршната дебата, пратениците гласаа против законот со 69 гласови „против“ и 57 „за“. Противниците изразија загриженост дека законот може да доведе до притисок врз ранливите лица да изберат потпомогната смрт.
Предлогот предвидуваше пациентите да дадат две формални изјави за својата намера и да поминат медицински проверки за да се утврди дали се под притисок. Исто така, беше предвидено ова право да го имаат само лицата на кои им преостануваат помалку од шест месеци живот.
Законот за асистирано умирање беше трет ваков предлог пред шкотскиот парламент од воведувањето на децентрализацијата во 1999 година, но прв што ја помина почетната фаза на гласање.