Свет Хумза Јусаф

Шкотска бара од Обединетото Кралство признавање на палестинската држава

„Моментален прекин на огнот е единствениот начин на кој може да се стави крај на убиствата и страдањата на невините цивили“, истакна тој.

Шкотска бара од Обединетото Кралство признавање на палестинската држава

Шкотскиот премиер Хумза Јусаф испрати писмо до британскиот премиер Риши Сунак во кое бара Обединетото Кралство формално да ја признае државата Палестина заради запирање на циклусите на насилство.

Испратено пред дебата за состојбата на Блискиот Исток во шкотскиот парламент, писмото е доставено и до лидерот на опозицијата во британскиот парламент, Кир Стармер. Јусаф ги осуди злосторствата извршени од Хамас на 7 октомври и повика на ослободување на заложниците и на итен прекин на огнот.

„Бројот на невини Палестинци кои ги губат своите домови и животи расте секој ден. Поддршката на Владата на Обединетото Кралство за Израел додека уништувањето во Газа ескалира ја зголемува нејзината морална одговорност да го искористи секое влијание што го има за сега да го запре убивањето“, напиша шкотскиот премиер во писмото проследено и до медиумите.

„Моментален прекин на огнот е единствениот начин на кој може да се стави крај на убиствата и страдањата на невините цивили“, истакна тој.

Шкотската Влада е длабоко загрижена од последните предупредувања на Израел до Палестинците кои живеат и засолнуваат во Кан Јунис да ја напуштат областа. Тешко е да се проценат хуманитарните последици од ова“, порача Јусаф. Тој рече дека по „присилната евакуација на населението од северот на Газа, ова го засилува впечатокот дека сме сведоци на постепено, но намерно протерување на Палестинците од целата територија и со тоа кршење на меѓународното право“.

Шкотскиот премиер нагласи дека Обединетото Кралство треба да работи со меѓународната заедница за еднаш засекогаш да се стави крај на политичкиот ќорсокак што ги осуди Израелците и Палестинците на последователни циклуси на насилство.

„За оваа цел би помогнало ако Обединетото Кралство ја признае државата Палестина во границите од 1967 година, како што направија повеќе од 130 членки на Обединетите нации, вклучително и девет членки на Европската Унија, и како што вети новата шпанска Влада“, заклучи Јусаф.  (МИА)

To top