Шефот на ОН за клима, Сајмон Стил рече дека светот „не може да си дозволи да се сопне“ на собирот на експертите за клима во германскиот град Бон во рамките на годишните состаноци на ОН за климата во јуни.
На отворањето на конференцијата, Стил рече дека „климатските активности ќе треба да се движат со многу, многу побрзо темпо „за се постигне целта за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени Целзиусови“.
Тој додаде дека светот во моментов е на пат кон глобално загревање од 2,7 степени, што е намалување од првичните проценки од 5 степени пред да почне меѓународната соработка за справување со климатските промени под водство на ОН.
Состанокот во Бон е клучен за постигнување натамошно намалување на затоплувањето, рече Стил.
– Пред нас имаме долг и стрмен пат, нагласи тој.
Стил, кој доаѓа од карипската островска држава Гренада, ја предводи Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (FWCC), со седиште во Бон.
Речиси 6.000 делегати се очекува да присуствуваат на годишниот десетдневен собир како подготовка за разговорите на 29-та Конференција на страните (КОП29) во ноември во Азербејџан.
Главното прашање на преговарачката маса е климатското финансирање. Индустријализираните земји ветија дека ќе ги поддржат посиромашните нации погодени од последиците од климатските промени со милијарди помош.
Фондот за загуби и штети – како што е познато финансирањето – првпат беше официјално усвоен на 27-та Конференција на страните (КОП) во Египет во 2022 година, со цел секоја година да се собираат 100 милијарди долари за посиромашните земји.
Како што пренесува ДПА, реакцијата во однос на климатските политики и глобалните економски борби поради пандемијата на коронавирусот ја ограничи подготвеноста на побогатите земји да ги најдат потребните средства, при што се верува дека целта за 2023 година е промашена. (МИА)