Комисијата за уставни прашања во италијанскиот Сенат (Горниот дом на Парламентот) го одобри предлог-законот со кој ќе се промени Уставот на тој начин што премиерот ќе биде избиран директно од италијанскиот народ, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Партиите „Лига“, „Напред Италија„ и „Италијански браќа“ на премиерката Џорџа Мелони ја поддржаа реформата. Главните опозициски партии – Демократската партија и Движењето пет ѕвезди – гласаа против. Предлог-законот ќе биде разгледуван во Сенатот.
Според сегашниот систем, партиите влегуваат во преговори за формирање влада по парламентарните избори. После тоа, формираната коалиција со владејачкото мнозинство во парламентот се обединува околу кандидатот што тие го предлагаат за премиер.
Не е неопходно кандидатот за премиер да биде политичар од коалициска партија. Мелони тврди дека уставните реформи ќе обезбедат дека Италија е управувана од лидери кои се избрани од народот и дека владите ќе бидат постабилни.
Според Мелони, левичарската опозиција е против тоа бидејќи реформата ќе ги спречи да ја преземат власта преку меѓупартиски договори.
Опозициската Демократска партија ја осуди предложената реформа како „опасна“, велејќи дека таа „го ослабува парламентот и прерогативите на претседателот на републиката“. Секретарот на партијата Ели Шлајн го опиша како „искривување на уставот и парламентарната република“.
Овој предлог-закон е „експлозив против нашата уставна архитектура без да се прецизира каква е алтернативната архитектура, бидејќи е само скицирана“, забележа Алесандра Маиорино од Движењето пет ѕвезди. (МИА)