Дел од западните медиуми јавија дека Израел распоредува тенкови на границата со Либан, што најверојатно е подготовка за евентуална копнена инвазија.
Американскиот весник „Њузвик“ (Newsweek) објави дека операциите на израелските командоси во јужниот дел на Либан против Хезболах е дел од подготовките за евентуална копнена инвазија, што може да се случи во текот на неделата.
Неименуван израелски претставник за британскиот весник „Телеграф“ потврди дека елитните трупи се фокусирани на инфраструктурата на Хезболах, вклучително локациите со оружје и командните и контролните центри.
Израелската армија соопшти дека мобилизирала уште три баталјони резервисти, а две бригади веќе се испратени во северен Израел како подготовка за можната копнена операција.
Додека „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal) објави дека израелски специјални сили ја преминале границата со Либан и испраќаат трупи во тунелите на Хезболах. И американскиот весник тврди дека тоа претходи на евентуална голема копнена офанзива.
Израелските медиуми јавија дека нападите врз Либан не само што ќе продолжат туку ИДФ се подготвува и за копнена операција. Неименуван безбедносен извор изјави дека иако сè уште не е донесена политичка одлука, ИДФ привршува „значајни операции“ како подготовка за копнена инвазија врз јужен Либан.
– Целта на копнените маневри е да се уништат целите, но и да се проектира моќта на Израел и ИДФ на Блиски Исток, особено врз Хезболах, истакна тој.
Според процена на Израел мрежата на тунели на Хезболах долга е неколку стотина километри. Се претпоставува дека Хезболах ги користи тунелите за влез во Израел, иако дел од нив се уништени во 2019 година од страна на израелската армија.
При нападите врз јужниот дел на Либан утрово елиминиран е лидерот на Хамас, Фатех Шериф Абу ел Амин. Во нападот врз палестинскиот бегалски камп во Тир загинаа и сопругата, ќерката и синот на Амин.
ИДФ, првпат од војната во 2006 година, изврши напад врз центарот на Бејрут. Во денешните напади загинаа тројца припадници на палестинската милитантна група Народен фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП).
Израелското военовоздухопловство од минатата недела интензивно напаѓа цел на Хезболах во различни области на Либан. Во воздушниот напад врз Бејрут загинаа неколку високи команданти на Хезболах, вклучително и лидерот Сајед Насрала.
Хезболах одговори со ракетни напади насочени првенствено кон северен Израел.