На Карпестите Планини, американскиот среден запад и централниот дел на САД измерени се температури и до минус 34 Целзиусови степени.
Во сојузните држави Орегон, Тексас и Луизијана, повеќе од 120.000 домови и деловни објекти останаа без струја.
Сообраќајот е во прекин, а надлежните апелираат граѓаните да избегнуваат да возат автомобили, бидејќи коловозите се опасно лизгави, а снегот и мразот може да предизвикаат паѓање на дрвја и далноводи, јавува Гласот на Америка.
Наставата денеска беше откажана за учениците во Портланд, но и во другите поголеми градови – Чикаго, Денвер, Далас, Форт Ворт, низ Нова Англија, Њујорк и Вашингтон. Во Вашингтон затворени се и канцелариите на сојузната влада.
Најмалку четири лица загинаа во Портланд поради екстремно ниските температури. Во Висконсин починаа тројца бездомници, најверојатно од хипотермија. Полицијата во Кентаки морала да користи хеликоптери за да спаси кампери од снежната бура, а во Луизијана се обидела да ги премести возилата од мостовите и патиштата покриени со снег.
Замрзнат дожд и лапавица се очекуваат во југоисточниот дел на САД. Издадени се предупредувања за зимско невреме за Алабама, Тенеси, Арканзас, Луизијана, Мисисипи.
Умерени до обилни снежни врнежи се предвидуваат од Средниот Атлантик до Нова Англија. Во Њујорк се предвидува да наврнат и до 20 сантиметри снег.
Во областите на Карпестите Планини и Средниот Запад повторно се очекуваат температури околу минус 30 Целзиусови степени.
Многу ниските температури го нарушија воздушниот сообраќај, ги одложија натпреварите во американски фудбал и се очекуваше да ја намалат излезноста во Ајова, каде што изборната трка официјално започна со гласање за републикански претседателски кандидат.
Авио-сообраќај низ САД е нарушен, а летовите се одложени или откажани. Веб-страницата за следење летови FlightAware регистрираше дека само вчера биле откажани 3.300 летови, а утринава на источниот брег на САД се регистрирани 1.300 откажувања.