Министерството за правда на САД денеска објави огромен број нови документи од истрагата за Џефри Епстин, во рамки на законот кој има за цел да открие што знаела владата за сексуалните злоупотреби врз малолетнички извршени од покојниот финансиер, како и за неговите контакти со влијателни луѓе.
Заменик-главниот обвинител Тод Бланч изјави дека Министерството ќе објави повеќе од три милиони страници документи кои не беа достапни во декември, кога започна првичната објава на информациите. Целиот процес се одвива согласно „Законот за транспарентност за Епстин“, донесен по силен јавен и политички притисок, кој бара од владата да ги открие досиејата за финансиерот и неговата соработничка Гилејн Максвел.
Министерството за правда претходно го пропушти крајниот рок од 19 декември, нагласувајќи дека стотици адвокати работат на прегледување на материјалот за да се заштити идентитетот на жртвите. Вкупниот број на страници кои подлежат на проверка порасна на околу шест милиони, информираат од Министерството.