Свет

Руте: На 14 октомври почнува годишната воена нуклеарна вежба на НАТО

Руте истакна дека воената вежба на Северноатлантската алијанса особено ќе се фокусира на Велика Британија, Северно Море, но и на Белгија и Холандија.

Руте: На 14 октомври почнува годишната воена нуклеарна вежба на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте најави дека Алијансата на 14 октомври ќе ја почне својата годишна нуклеарна вежба „Стедфаст нун“ (Steadfast Noon).

Домаќини на воената вежба на НАТО, што ќе трае околу две недели, се Белгија и Холандија, а ќе учествуваат борбени авиони Ф-35А и бомбардери Б-52, шеесетина авиони од 13 држави и околу 2.000 војници. Во вежбата нема да се користи боево оружје, а ќе се симулира како воени авиони носат американски нуклеарни глави.

-Во несигурниот свет од витално значење е да ја тестираме нашата одбрана и да ја зајакнеме одбраната, за нашите противници да знаат дека НАТО е подготвен и способен да одговори на секоја закана, истакна Руте во Лондон по средбата со британскиот премиер Кир Стармер и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Руте истакна дека воената вежба на Северноатлантската алијанса особено ќе се фокусира на Велика Британија, Северно Море, но и на Белгија и Холандија.

Русија минатиот месец соопшти дека би можела да употреби нуклеарно оружје доколку биде погодена од конвенционални ракети, како и оти за Москва секој напад извршен со поддршка на нуклеарна сила ќе го смета како заеднички напад.

Помошникот генерален секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли наведе дека воената вежба не е одговор на неодамнешните изјави на Русија и оти истите се одржуваат секоја година повеќе од една деценија.

-Ние не се адаптираме на она што е кажано или не е кажано кој било ден, посочи помошникот генерален секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Ангус Лапсли.

Тој истакна дека воените вежби се важни за да се покажат нуклеарните способности на НАТО и да се одврати каков било напад.

-Се обидуваме да ги одвратиме сите противници, а првенствено Русија, на неколку различни начини, вклучително и конвенционално одвраќање. Но, тоа секогаш е поддржано со нуклеарно одвраќање, посочи Лапсли, додавајќи оти Алијансата во моментов е фокусирана на обезбедување на кредибилитетот и безбедноста на своето нуклеарно одвраќање. (МИА)

To top