Рускиот вршител на работите во Германија, кој денеска беше повикан на разговор во германското Министерство за надворешни работи поради наводниот руски кибер напад врз централната канцеларија на Германската Социјалдемократска партија (СПД) минатата година, категорично ги отфрли обвинувањата како неосновани, се вели во соопштението на руската амбасада во Берлин.
– На 3 мај 2024 година, рускиот вршител на работите во Германија беше повикан во германското Министерство за надворешни работи, каде што протестираше против наводно докажаниот кибер напад на хакерската група АПТ 28 контролирана од ГРУ (воено разузнавачка агенција) врз централната канцеларија на Социјалдемократската партија на Германија во 2023 година, соопшти амбасадата.
Во соопштението се наведува дека „претставникот на амбасадата категорично ги отфрли како неосновани наводите за вмешаност на руски државни структури во споменатиот случај и општо за активностите на групата АПТ 28“.
„Потегот на германското Министерство за надворешни работи го сметаме како уште еден непријателски чекор насочен кон поттикнување на антируските чувства во Германија што може дополнително да им наштети на руско-германските односи“, соопшти амбасадата.
Според извештаите, германската страна на состанокот во Министерството за надворешни работи тврдела дека наводните „напади на руски државни хакери врз Германија во кибер просторот се неприфатливи, за осуда и може да имаат последици“.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок претходно денеска за време на посетата на Австралија изјави дека руски државни хакери ја нападнале Германија во кибер просторот.
СПД во јуни 2023 година објави дека е-поштата на извршниот директор на СПД претходно биле цел на кибер напад во јануари, објави Велт. Партијата тогаш објави дека тоа е овозможено поради безбедносен пропуст во софтверската компанија Мајкрософт кој сè уште бил непознат во моментот на наводниот напад.
Портпаролката на СПД истакна дека постои можност за време на рускиот напад да имало одлив на податоци.
– Денес јасно можеме да го припишеме овој минатогодишен напад на групата АПТ28, која е контролирана од руската тајна служба ГРУ. Ова е целосно неприфатливо и нема да помине без последици, рече Бербок.
Според германската канцеларија за заштита на уставот, групата AПT28 е активна ширум светот, пред се во областа на кибер шпионажата, најмалку од 2004 година.
Во минатото, како што наведуваат од Канцеларијата, оваа група водела дезинформациски и пропагандни кампањи во кибер просторот и е „меѓу најактивните и најопасните кибер актери во светот“.
И германската Федерална канцеларија за заштита на уставот смета дека АПТ28 е дел од руската воена разузнавачка служба ГРУ, пишува „Велт“.
Се наведува дека групата е обвинета за голем кибер напад врз Бундестагот во 2015 година, а подоцна и во САД за напад врз Демократската партија пред претседателските избори во 2017 година.