Доколку не беше руската агресија врз Украина, сигурно би имале попросперитетна економска состојба во Европа и не би говореле за економска вонредна состојба со која треба да справуваат европските економии, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економија, продуктивност и буџет Балаж Ујвари.
Изјавата на Ујвари беше поврзана со одговор на новинарско прашање околу информациите за планови за „активирање“ на членот 122 од Договорот за функционирање на ЕУ, со што, поради „економска итност“, би се овозможило носење одлуки поврзани со замрзнатите руски средства со квалификувано мнозинство, наместо со консензус.
Ујвари појасни дека ЕУ го активира членот 122 во услови на неочекувана економска криза или неочекувани ситуации кои имаа економски последици.
– Ако ја погледнете сегашната ситуација, разумно е да се тврди дека неоправданата руска агресија врз Украина има влијание не само врз Украина, туку и врз пошироката економска состојба во Европа. Затоа е разумно да се тврди дека користењето на овој инструмент е оправдано во овој случај, затоа што дозволува користење ресурси што можат да помогнат да се излезе од тешката економска ситуација во која се наоѓаме, рече Ујвари.
Главната портпаролка на ЕК, Пула Пињо, пак, нагласи дека врз основа на членот 122 би можело да се најде правна основа да не мора одлуката за замрзнување на руските суверени средства да се обновува на секои шест месеци, што е сосема различно од прашањето за нивно користење за финансирање на потребите на Украина за 2026 и 2027 година.
– Европската комисија заедно со земјите членки се обидува да постигне што е можно поголем напредок во различните елементи на планот за финансиска поддршка на Украина, со цел да може да се најде решение на Самитот на ЕУ предвиден за следната недела, изјави Пињо.
Информациите за активирање на членот 122 уследија по вчерашниот состанок на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер), кога беше најавено дека амбасадорите разгледуваат начини да може руските државните средства да останат замрзнати на неопределено време.
Со ова би се избегнала потребата на секој шест месеци да се продолжува важноста на одлуката за нивно замрзнување, а со тоа можноста во иднина некоја од земјите членки да стави вето на продолжувањето на нејзината важност.