Свет глобални цени на суровините

Русија заработува милијарди евра од блокадата на Ормуската Теснина, тврди германска трговска комора

Само сметката за увоз на нафта би можела да порасне на повеќе од 60 милијарди евра.

Русија заработува милијарди евра од блокадата на Ормуската Теснина, тврди германска трговска комора

Русија остварува милијарди евра приходи од извозот на суровини поради ефективното затворање на Ормуската Теснина, соопшти денеска Германско-руската надворешнотрговска комора.

Профитот на Русија од извозот на нафта, гас и ѓубрива изнесува повеќе од 10 милијарди евра (11,54 милијарди долари) месечно, наведува Комората. – Русија е големиот победник на новата војна на Блискиот Исток – изјави за агенцијата ДПА претседателот на Комората Матијас Шеп.

Русија има корист од повисоките глобални цени на суровините, бидејќи користи алтернативни извозни рути. Сето тоа може „да ѝ донесе на Русија неочекуван профит од историски размери“, изјави Шеп во Москва.

При одржлива цена на нафтата од околу 100 долари за барел, Русија би можела да очекува годишно зголемување на приходите од 71,8 милијарди долари во споредба со буџетските проекции. Цената на суровата нафта „брент“ за испорака во јуни се искачи на повеќе од 111 долари за барел на почетокот на неделата, што е речиси 40 долари повеќе отколку пред почетокот на војната.

Рускиот буџет во голема мера зависи од продажбата на нафта и гас, при што моментално е пресметан со цена од 59 долари за барел. Пред војната со Иран, буџетот покажуваше дефицит бидејќи цената на нафтата беше под планираното ниво.

„Со сегашното ниво на цените, Москва може да генерира околу 50 милијарди долари дополнителни приходи годишно само од нафта и гас“, наведува Комората.

Русија, која исто така се надева на укинување на западните санкции, ги користи приходите од продажбата на суровини за финансирање на војната против Украина. Во Москва веќе постојат очекувања дека цената на нафтата би можела да достигне 200 долари за барел. Според Комората, тоа би донело приходи од 350,4 милијарди долари, односно 247 милијарди долари повеќе од планираното во буџетот, пренесува ДПА.

Комората пресмета и што значи растот на цените за Германија. Само сметката за увоз на нафта би можела да порасне на повеќе од 60 милијарди евра.

– Заедно со дополнителните трошоци за гас, германската индустрија се соочува со ценовен шок што ќе го попречи очекуваното економско закрепнување во 2026 година – изјави енергетскиот експерт на Комората, Томас Бајер.

Кај ѓубривата, Русија би можела да оствари дополнителни приходи до 8,9 милијарди евра во средно сценарио. За разлика од тоа, германските земјоделци се соочуваат со дополнителни годишни трошоци од 36 до 145 евра по хектар обработливо земјиште.

Германско-руската надворешнотрговска комора наведува дека има 750 членки и ја претставува најголемата странска деловна асоцијација во Русија

To top