Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за употреба на забрането хемиско оружје на бојното поле, објави Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ), организација со седиште во Хаг.
ОПЦВ соопшти дека наводите се „недоволно потврдени“ со доказите, но во соопштението се додава: „Ситуацијата останува нестабилна и крајно загрижувачка кога станува збор за потенцијалната употреба на токсични хемикалии како оружје”.
Ниту Русија, ниту Украина официјално не побарале од организацијата да ја истражи наводната употреба на хемиско оружје, се вели во соопштението. Минатата недела, САД соопштија дека Русија ја прекршила меѓународната забрана за употреба на хемиско оружје, чие спроведување се надгледува од ОПЦВ.
Русија, наводно, против украинските трупи користела хлоропикрин, моќен пестицид што се користи во земјоделството и е забранет за воена употреба, а исто така користела и хемиски соединенија кои привремено ги онеспособуваат луѓето, како што е солзавец, „како метод за војување“ во Украина.
Ова следеше по украинските тврдења во април дека Русија ја засилила употребата на солзавец во рововите. Русија тогаш ги отфрли обвинувањата.
ОПЦВ соопшти дека ја следат ситуацијата од февруари 2022 година, кога Москва ја нападна Украина. Според Конвенцијата за хемиско оружје, секоја токсична хемикалија што се користи за да предизвика повреда или смрт се смета за хемиско оружје.
Употребата на токсични агенси на бојното поле во војна е против Конвенцијата, истакнува ОПЦВ.
„Доколку се користат како метод на војување, овие агенси се сметаат за хемиско оружје и затоа, според Конвенцијата, тие се забранети“. (МИА)