Приходите на романските граѓани бележат пад, додека трошоците продолжуваат да растат, покажува истражување на Националниот институт за статистика, објавено на официјалната интернет-страница на институцијата.
Според податоците, вкупниот просечен месечен доход на населението во третото тримесечје од 2025 година изнесувал 9.420 леи (околу 1.850 евра) по домаќинство и 3.789 леи (744 евра) по лице. Во споредба со истиот период во 2024 година, просечниот месечен доход по домаќинство се зголемил за 14,1 процент, а по лице за 14,9 проценти.
Вкупните просечни месечни расходи на населението во истиот период изнесувале 8.079 леи (1.587 евра) по домаќинство и 3.250 леи (638 евра) по лице, што претставува 85,8 проценти од вкупниот доход. Во однос на третото тримесечје од 2024 година, расходите се зголемиле за 15,2 проценти по домаќинство и за 16 проценти по лице.
Во урбаните средини, просечните месечни расходи по домаќинство изнесувале 9.109 леи (1.789 евра), што е 1,3 пати повеќе отколку во руралните средини. Лице кое живее во град, во просек троши 3.862 леи (758 евра) месечно, или 1,5 пати повеќе од лице кое живее во село.
Романците најмногу трошат за храна и безалкохолни пијалаци – 1.553 леи (305 евра). Следуваат трошоците за домување, вода, електрична енергија, гас и други горива во износ од 735 леи (144 евра) по домаќинство. За облека и обувки се издвојуваат 371 леи (72 евра), за транспорт 340 леи (67 евра), а за здравствена заштита 337 леи (66 евра). Најниско ниво на просечни месечни трошоци е регистрирано кај образованието – само 13 леи (2,55 евра) по домаќинство.
Податоците покажуваат и дека во градските средини уделот на трошоците за даноци, придонеси, такси и давачки е за 7,8 процентни поени повисок отколку во руралните области. (МИА)