Непосредната закана од ирански напад врз Израел е реална, соопшти денеска Белата куќа, без да даде детали за можното време на нападот.
Белата куќа соопшти дека САД многу сериозно ја сфаќаат својата посветеност да го бранат Израел.
Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби додаде дека САД, исто така, гледаат на сопствената позиција на силите во регионот во контекст на заканите од Техеран и многу внимателно ја следат ситуацијата.
Попладнево Си-Би-Ес Њуз објави дека Израел се подготвува за најлошото сценарио, за кое израелските власти веруваат дека може да се случи за само неколку часа – Иран директно да го нападне Израел како одмазда за израелскиот напад на иранскиот конзулат во Дамаск, при што беа убиени седум ирански високи воени офицери.
Двајца американски претставници за Си-Би-Ес изјавија дека голем ирански напад врз Израел може да се случи денеска, со повеќе од 100 беспилотни летала и десетици проектили насочени кон воени цели во Израел.
Официјалните лица оценуваат дека би било предизвик за Израелците да се одбранат од напад од оваа големина, и иако веруваат дека Иранците би можеле да се одлучат за напад од помал обем за да избегнат драматична ескалација, се верува дека нивната одмазда е неизбежна.
Иран вети дека ќе му се одмазди на Израел за убиството на луѓето од конзулатот, кој беше погоден на 1 април, но Техеран јавно не посочи како ќе возврати. Доколку одлучат да извршат директен напад врз Израел, постојат стравувања дека тоа би можело да ја претвори тековната израелска војна против иранскиот сојузник Хамас во многу поширок регионален конфликт.