Свет ЕУ

Раководителите на институциите на ЕУ изјавија дека ќе се погрижат Русија да сноси одговорност за војната во Украина

Претседателите на Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент денеска објавија заедничка изјава по повод четвртата годишнина од рускиот воен напад врз Украина.

Раководителите на институциите на ЕУ изјавија дека ќе се погрижат Русија да сноси одговорност за војната во Украина

Претседателите на Европскиот совет, Европската комисија и Европскиот парламент денеска објавија заедничка изјава по повод четвртата годишнина од рускиот воен напад врз Украина.

„Ќе се погрижиме Русија да биде повикана на одговорност за извршените злосторства и штетите што ги предизвика“, се наведува во текстот.

„Пред четири години Русија почна целосен и незаконски воен напад врз Украина. Уште еднаш им оддаваме почит на храбриот народ на Украина, кој продолжува да се спротивставува и да ја брани својата земја. Русија не ги постигна своите воени цели во Украина. Бидејќи Русија не може да напредува на бојното поле, таа намерно цели кон украинската цивилна инфраструктура, вклучувајќи болници, училишта и станбени згради“, истакнуваат Антонио Кошта, Урсула фон дер Лајен и Роберта Мецола.

ЕУ цврсто стои до Украина и нејзиниот народ од првиот ден на рускиот напад. Дипломатите истакнуваат дека нивна цел е сеопфатен, праведен и траен мир за Украина, заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право.

„Ги поддржуваме сите напори насочени кон постигнување на таков мир – мир со достоинство и долгорочна безбедност. Почитувањето на суверенитетот и територијалниот интегритет е камен-темелник. Ниту една држава не може да го анектира својот сосед. Границите не можат да се менуваат со сила. Напаѓачот не може да биде награден. Во денешната тешка меѓународна и геополитичка ситуација, ја нагласуваме важноста од одржување на трансатлантската и глобалната солидарност со Украина“, додаваат тројцата претседатели.

ЕУ ќе продолжи да обезбедува политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка за Украина и нејзиниот народ. Унијата останува најголемиот донатор на Украина. Дополнително на речиси 200 милијарди евра поддршка од 2022 година досега, европските лидери се договорија да ѝ обезбедат на Украина 90 милијарди евра во периодот 2026-2027 година, за да ѝ помогнат на Украина да ги задоволи своите итни буџетски и одбранбени потреби. Вкупно 60 милијарди евра ќе бидат наменети за воени потреби. Првата исплата ќе биде извршена што е можно поскоро, се забележува во изјавата.

„Војната на Путин постојано ја исцрпува Русија и решени сме да извршиме дополнителен притисок врз Москва за да го запре нападот и да се ангажира во суштински преговори за мир. Решени сме да го зголемиме притисокот врз енергетскиот и финансискиот сектор на Русија и да преземеме дополнителни мерки против ’флотата во сенка‘“, се вели во изјавата.

„Нашите напори за поддршка на Украина се насочени и кон утрешниот ден, кога борбите ќе завршат. ЕУ е подготвена да придонесе за сигурни безбедносни гаранции, така што Русија никогаш повеќе да не може да ја нападне Украина. Иднината на безбедна и просперитетна Украина е во ЕУ. Украина постигна значителен напредок во реформите за пристапување во многу тешки околности. Украина може да смета на нашата целосна поддршка за своето пристапување и за своето повоено обновување“, се истакнува во изјавата.

To top