Британските здравствени власти денеска соопштија дека во Велика Британија е откриен првиот случај на заразен човек со вирусот Х1Н2, а станува збор за нов облик.
Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство (УКХСА) истакна дека ги следи контактите блиски до заразениот, со цел да се спречи натамошното ширење на вирусот, објави „Гардијан“.
Весникот забележува дека во оваа фаза не е познато колку вирусот е пренослив или дали ќе доведе до други случаи, но наведува дека овој случај не е генетски поврзан со претходниот вирус.
Агенцијата официјално ја извести за тоа Светската здравствена организација, додавајќи дека вирусот е сличен на тие кои циркулираат кај свињите во Велика Британија.
Заразената, која не е идентификувана, имала лесна болест и закрепнала откако била хоспитализирана, но не се знае дали била во контакт со свињи, посочува „Гардијан“. Не е познато како дошло до заразата, а истрагата се уште е во тек.
Британските медиуми забележуваат дека на сите контакти ќе им биде понудено тестирање по потреба и советување за можна понатамошна нега доколку имаат симптоми или позитивен тест. Агенцијата, исто така, презема чекори за да го зголеми надзорот во рамките на постоечките шеми на здравствениот систем, кои вклучуваат ординации по општа пракса и болници во Северен Јоркшир. (МИА)