Продолжија протестите на студентите на универзитетите во САД, чии барања се прекин на соработката на Универзитетот со Израел и компаниите кои соработуваат со таа земја, и поради, како што тврдат демонстрантите, геноцидот врз палестинскиот народ во Газа, а почнаа и суспензиите на студентите кои одбија да си одат од кампусот.
Студентите денеска упаднаа во зградата на Хамилтон Хол на приватниот универзитет Колумбија, го забарикадираа влезот и го раширија палестинското знаме.
Тие беа предупредени дека ќе бидат суспендирани доколку не го напуштат кампусот до понеделник до 14 часот.
Портпаролот на Универзитетот, Бен Ченг, рече дека студентските суспензии започнале, но не даде детали.
Хамилтон Хол е една од неколкуте згради блокирани од студенти за време на протестите за граѓански права и протестите против американската војна во Виетнам во 1968 година.
Студентите кои одбија да ги отстранат своите шатори од кампусот беа уапсени на универзитет во Тексас, а универзитетот соопшти дека повеќето од демонстрантите „не се поврзани со универзитетот“.
Исклучок од овие студентски протести е Универзитетот Нортвестерн во Чикаго, кој постигна договор со студентите да дозволи мирни протести до 1 јуни, а студентите се согласија да ги отстранат сите шатори.
Околу 1.000 демонстранти беа уапсени на универзитетите низ САД, а протестите се проширија на неколку кампуси во Канада и Франција.