Свет Бара меѓународна поддршка

Претседателот на Сирија денеска во Париз, на прво патување во Европа по падот на Ал Асад

– Со оглед на големите предизвици со кои се соочува Сирија, јасно е дека Франција, заедно со главните меѓународни партнери на Сирија, треба да обезбеди поддршка, рече француски функционер, нагласувајќи дека Париз „не е наивен“ во однос на минатите врски на Шара со џихадистичките групи и дека сè уште е „сомнителен“ во однос на неговите постапки.

Претседателот на Сирија денеска во Париз, на прво патување во Европа по падот на Ал Асад

Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денеска ќе отпатува во Париз, во својата прва посета на Европа од падот на поранешниот претседател Башар ал-Асад, за да побара меѓународна поддршка за напорите за обнова на стабилноста во својата земја.

Шара, кој е предмет на санкции на ОН поради неговата претходна улога во исламистичката група Хајат Тарир ал-Шам (ХТС), поранешна филијала на Ал Каеда, доби одобрение од светската организација за патување во Франција.

За време на посетата, тој ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон. Според француски функционери, двајцата лидери ќе разговараат за прашања како што се зачувување на суверенитетот на Сирија, безбедноста на малцинските заедници, вклучително и Алавитите и Друзите, борбата против Исламската држава и координацијата на хуманитарната помош, вклучително и олеснување на санкциите.

– Со оглед на големите предизвици со кои се соочува Сирија, јасно е дека Франција, заедно со главните меѓународни партнери на Сирија, треба да обезбеди поддршка, рече француски функционер, нагласувајќи дека Париз „не е наивен“ во однос на минатите врски на Шара со џихадистичките групи и дека сè уште е „сомнителен“ во однос на неговите постапки.

Франција уште во 2012 година ги прекина дипломатските односи со режимот на Асад и одби да ги обнови контактите со неговата влада, дури и откако бунтовничките сили претрпеа големи порази и беа потиснати во северните делови на земјата. Сепак, во последните месеци Франција презеде чекори кон отворање амбасада во Дамаск, поставувајќи дипломат кој треба да го олесни повторното воспоставување на односите. Една од клучните цели на Сирија за време на посетата е олеснување на меѓународните санкции кои беа воведени за време на 14-годишната граѓанска војна, кои и понатаму сериозно ја отежнуваат економската обнова на земјата.

Според проценката на Светската банка, трошоците за обнова на Сирија изнесуваат повеќе од 250 милијарди долари. Санкциите воведени од ЕУ, САД и Велика Британија, вклучително и замрзнување на имотот и забрана за трговија, силно влијаеја на економијата, но ЕУ делумно ги олесни санкциите, додека се очекува на 1 јуни некои поединци и ентитети да бидат избришани од списокот на санкции.

Сирија се надева дека ЕУ нема да ги обнови тие мерки, а нивното обновување бара согласност од сите 27 членки на Унијата. (МИА)

To top