Претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед Ал Нахјан и американскиот претседател Доналд Трамп вчера телефонски разговарале за напорите за постигнување прекин на огнот во Газа, објавија денеска арапските медиуми.
Претседателот на Емиратите го повика Трамп да обезбеди помош за жителите на Газа, како и да поддржи решение за две држави.
На почетокот на февруари, Трамп го претстави планот за Газа кој вклучува раселување на Палестинците и создавање „блискоисточна ривиера“, што беше осудено од глобалните лидери.
Арапските држави, вклучително и ОАЕ, го поддржаа египетскиот алтернативен план за реконструкција на Газа, кој би чинел 53 милијарди долари и нема да вклучува раселување на Палестинците, но не е познато дали Трамп и Ал Нахјан разговарале за тоа.
Анвар Гаргаш, дипломатски советник на претседателот на ОАЕ, на крајот на февруари рече дека планот за обнова на Газа не може да се случи без јасен пат до решение со две држави за Израел и Палестинците.
Обединетите Арапски Емирати се меѓу ретките арапски држави кои ги нормализираа врските со Израел во договорите од 2020 година, со посредство на Трамп.
Израел неодамна ја продолжи офанзивата на Газа, при што загинаа повеќе од 700 Палестинци, а палестинските власти соопштија дека вкупниот број на палестински жртви од октомври 2023 година надминал 50.000.