Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант ги повика борците на Хамас да ги ослободат заложниците и да се предадат по убиството на водачот на терористичката група Јахја Синвар.
„Државата Израел донесе правда со елиминацијата на Јахја Синвар – убиец и терорист. Јахја Синвар е терористот, главниот терорист, кој го планираше и изврши (масакрот) на 7-ми октомври, за време на кој беа убиени толку многу невини Израелци – деца, жени и постари лица“, се вели во изјавата на Галант.
„Елиминацијата на Синвар се придружува на долгата серија елиминации – од Насрала до воениот началник на Хамас Мухамед Деиф и многу други [терористи]. Ќе ги гониме и елиминираме нашите непријатели“.
„Синвар загина додека беше во бегство. Тој не умре како командант, туку како некој што се грижеше само за себе. Ова е јасна порака до сите наши непријатели – ИДФ ќе допре до секој кој ќе се обиде да им наштети на граѓаните на Израел или нашите безбедносни сили, а ние ќе ве изведеме пред лицето на правдата“.
„Елиминацијата на Јахја Синвар испраќа јасна порака до сите семејства на загинатите и до семејствата на заложниците: правиме се за да дојдеме до оние кои им наштетиле на вашите најблиски и да ги ослободиме заложниците и да ги вратиме на нивните семејства. ”
„Тоа е исто така јасна порака до жителите на Газа. Човекот кој донесе катастрофа и смрт во Појасот Газа, човекот кој ве натера да страдате како резултат на неговите убиствени дејствија – дојде крајот на овој човек. Време е да излезете, да ги ослободите заложниците, [на оние кои се вклучени во борбите] кренете ги рацете, предадете се. Излезете со заложниците, ослободете ги и предајте се“. (МИА)