Над 95.000 жени во Италија се жртви на генитално осакатување (FGM), изјавија денеска активистките кои се обидуваат да го ослободат светот од овој феномен по повод Меѓународниот ден против генитално осакатување на жените, објави италијанската новинска агенција Анса.
Овој растечки феномен во Европа, тесно поврзан со присуството на млади мигранти од регионите со висок ризик, претставува предизвик за здравствените и социјалните услуги и услугите за заштита на децата, објави мрежата на здруженија составена од AMSI (Здружение на странски лекари во Италија), UMEM (Евро-медитерански медицински сојуз), CO-MAI (Арапска заедница во Италија) и Меѓународното движење Обединети за обединување.
Здруженијата предлагаат формирање на Меѓународна опсерваторија против генитално осакатување на жените. Опсерваторијата ќе треба да го следи овој феномен, да собира ажурирани и споредливи податоци, да анализира клинички и психолошки последици и да координира програми за превенција, едукација и информирање.
„Нашите податоци покажуваат дека овој феномен не само што е незапирлив, туку продолжува да ги погодува девојчињата и младите жени дури и во земјите што се сметаат за напредни во однос на правата“, објасни физијатар Фоад Аоди, член на експертскиот регистар на Фномчео и професор на Универзитетот Тор Вергата.
Здруженијата наведуваат дека во Италија проблемот со осакатувањето на женските гениталии бара квалитативен скок во здравствените и социјалните политики. И покрај постоењето на заштитни мерки, превенцијата е сè уште недоволна и нееднаква низ целата земја.
Осакатувањето на женските гениталии вобичаено се открива многу доцна, за време на пристапот до здравствени услуги за следење на бременоста, породувањето или компликациите, кога штетата веќе е утврдена.
Здруженијата се залагаат за рана интервенција и за вклучување на семејните советодавни центри, педијатри, гинеколози, социјални служби и училишта во целиот процес.
Здруженијата укажуваат на потребата од инвестирање во задолжителна и континуирана обука на здравствените работници, воспоставување јасни оперативни протоколи и зајакнување на соработката помеѓу здравствените, социјалните служби и судските власти, а истовремено зaштита на семејствата и девојчињата во ризик.
„Осакатењето на женските гениталии не е традиција, туку систематско насилство кое остава трајни физички, психолошки и сексуални лузни, уништувајќи ги животите на милиони жени“, заклучи Фоад.