Министерството за финансии на САД објави дека потписот на претседателот Доналд Трамп ќе биде вклучен на новите доларски банкноти, што е првпат во историјата на банкнотите да фигурира име на актуелен претседател.
Првите банкноти од 100 долари со новиот потпис ќе бидат отпечатени во јуни, а подоцна и останатите номинали. Од 1861 година, на американските пари традиционално стои само потписот на министерот за финансии. Актуелниот министер Скот Бесент изјави дека ова е начин да се признаат „историските достигнувања“ на претседателот Трамп.
Оваа одлука е дел од поширокиот тренд за именување на институции и симболи по Трамп по неговото враќање во Белата куќа. Неколку јавни објекти, како Кенеди центарот во Вашингтон и меѓународниот аеродром во Палм Бич, веќе ги менуваат своите имиња во чест на републиканецот. Исто така, федералната комисија веќе одобри изработка на златна монета со ликот на претседателот, што во дел од јавноста предизвика критики за создавање култ кон личноста.