Во светот 114 милиони луѓе ги напуштиле своите домови поради војна, насилство и прогон, соопштија Обединети нации.
Високиот комесар за бегалци на ОН, Филипо Гранди изјави дека бројката на раселени лица е во пораст бидејќи државите не се посветуваат на причините, а армиите одбиваат да се придржуваат до меѓународното право.
Тој упати критика кон Советот за безбедност на ОН, кој е задолжен за одржување на меѓународниот мир и безбедност, дека не го користи својот глас за да се обиде да ги реши конфликтите од Појасот Газа, Украина, Судан, ДР Конго, Мјанмар и многу други места.
Гранди, исто така, обвини некои земји дека носат „краткорочни надворешнополитички одлуки, кои често се засноваат на двојни стандарди“.
– Непочитувањето на меѓународното хуманитарно право значи дека страните во конфликтите, сè повеќе, речиси насекаде престануваат да ги почитуваат законите на војната, иако се преправаат дека го прават тоа. Резултатот од тоа е поголем број на смртни случаи на цивили, сексуалното насилство се користи како воено оружје, болниците, училиштата и другата цивилна инфраструктура се напаѓаат и уништуваат, а хуманитарните работници стануваат цел, потенцира Гранди. (МИА)