Петмина Палестинци се убиени во израелски воздушен напад врз возило на окупираниот Западен Брег, соопштија израелската армија и палестинските медиуми.
Израелската армија соопшти дека нејзините сили извршиле воздушен напад рано утринава врз возило со петмина милитанти во област северозападно од градот Тулкарем на северозападниот Западен Брег, додека тие биле на пат да извршат напад.
Според американските медиуми и изјави на сведоци, експлозијата се случила крај патот што ги поврзува палестинските села Зеита и Кафин.
Палестинската агенција Вафа соопшти дека петмината убиени Палестинци биле пренесени во блиската болница, но дека четири тела биле „изгорени и јагленисани до непрепознатливост“.
Палестинското Министерство за здравство не го коментираше инцидентот.
Повеќе од 590 Палестинци се убиени од страна на Израелците на Западниот Брег од избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас во Газа минатиот октомври, покажуваат податоците на палестинското Министерство за здравство. Повеќето од нив беа убиени за време на израелските напади и насилните протести, но меѓу загинатите има и случајни минувачи и Палестинци убиени во нападите на еврејските доселеници.
Северот на Западниот Брег во последните 10 месеци е погоден од огромен бран насилство. Тулкарем и неговите два бегалски кампа станаа една од главните фокусни точки на конфликтот. Палестинските милитантни групи, вклучувајќи ги Хамас и палестинскиот Исламски џихад, се активни во овој град.