(Еуроњуз)
Ова беше најголемата победа во историјата на крајно десничарската партија предводена од контроверзниот антиисламски политичар Герт Вилдерс.
1. Победата на партијата ПВВ е голема и без преседан
Обемот на победата на Партијата на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс беше далеку над она што го предвидуваа анкетарите и го удвои бројот на места во парламентот што ги освои на претходните избори.
Не само што тоа е најдобриот изборен резултат досега на ПВВ, туку е и првпат по Втората светска војна најголемата партија во Холандија да не доаѓа од либералното европско партиско семејство на десниот или левиот центар.
Па, како Вилдерс го направи тоа? Се чини дека тој ги мобилизираше своите гласачи од 2021 година за повторно да излезат на гласање, но изгледа дека ги освои и луѓето кои беа воздржани во 2021 година, а ја доби и поддршката од другите десничарски партии.
2. Герт Вилдерс допрва треба да изгради коалиција
Екстремно десничарскиот антиисламски политичар Герт Вилдерс можеби ги удвои местата на неговата партија во холандскиот парламент на изборите во средата, но тоа не мора да значи дека тој ќе стане премиер.
Вилдерс ќе мора да коалицира со другите партии за да постигне мнозинство во парламентот (или да се обиде да владее како малцинска власт), а соработката во политиката секогаш подразбира правење компромиси.
Лидерот на партијата Нов социјален договор, која беше основана пред само три месеци, рече дека е отворен за разговори со Вилдерс. Партијата освои 20 места на изборите.
Коалицијата од левиот центар Лабуристичката партија и Партијата на зелените ќе има 26 места, но лидерот Франс Тимерманс веќе ја отфрли можноста за соработка со Вилдерс.
„Никогаш нема да коалицираме со партии кои тврдат дека барателите на азил се извор на сета мизерија“, рече Тимерманс.
3. „Информатори“ и „обликувачи“ – холандската политика е комплицирана!
Процесот на формирање нова влада започнува кога сите партии ќе имаат прелиминарни разговори за да истражат каква комбинација на партии би можеле да работи заедно за да се достигне магичниот праг на мнозинство од 76 места во 150 члениот парламент.
Долниот дом потоа назначува „информатор“, кој е одговорен за дефинирање на можните контури на коалициски договор. До 2012 година оваа личност беше назначувана од кралот.
Кога ќе се утврди дека група партии можат да соработуваат, се назначува „обликувач“ – речиси секогаш личноста која победила на изборите, ја започнува деликатната работа за составување на потенцијалниот владин кабинет.
Партиите потоа потпишуваат коалициски договор и новата влада ги презентира своите планови во Долниот дом, кој потоа треба да и изгласа доверба.
4. За формирање на новата влада најверојатно ќе треба многу време
Процесот звучи уникатно, коалициските разговори ќе бидат тешки, па колку долго би можело сето тао да трае?
Одговорот: Долго време.
Холандските партии обично со месеци се борат да вклучат што повеќе точки од нивните програми во коалицискиот договор, дури и пред да започне изборната трка.
По изборите во 2021 година, беа потребни рекордни 271 ден за да се формира коалиција која требаше да биде последна на премиерот во заминување Марк Руте.
Овој пат може да потрае уште подолго, бидејќи повеќето аналитичари не очекуваат формирање влада пред летото 2024 година.
Во меѓувреме, Марк Руте и неговата влада ќе останат на должност.
5. Nexit: Герт Вилдерс сака референдум за напуштање на ЕУ
Иако создавањето сојузи и соработката во коалициска влада бара компромиси, Герт Вилдерс има некои политички планови кои ќе предизвикаат морници низ Европа, а тоа особено ќе се почувствува во Брисел.
Иако во Холандија (засега) нема посебен апетит за напуштање на ЕУ, Вилдерс вели дека сака да има референдум за „Nexit“.
Меѓу другите контроверзни политики, тој исто така сака „забрана на азилот“ и „забрана на исламските училишта, Куранот и џамиите“, иако во средата вечерта вети дека нема да ги прекршува холандските закони и уставот на земјата кои ја штитат слободата на религијата и изразувањето.
Герт Вилдерс е исто така цврст поддржувач на Израел и се залага за префрлање на амбасадата на Холандија од Тел Авив во Ерусалим и затворање на холандската дипломатска канцеларија во Рамалах, седиштето на палестинските власти. (МИА)