Свет ЕУ

Пет балтички земји бараат дополнителни средства за заштита на надворешните граници на ЕУ

Во писмо упатено до потпретседателката на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен и до еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, петмината министри наведуваат дека „повеќе од четири години се соочуваат со хибридни закани“ од страна на Белорусија и Русија, кои вклучуваат и инструментализација на мигрантите.

Пет балтички земји бараат дополнителни средства за заштита на надворешните граници на ЕУ

Министрите за внатрешни работи на пет земји од реонот на Балтичкото Море – Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Финска ја повикаа Европската комисија да обезбеди дополнителни средства за заштита на надворешните граници на ЕУ, кои меѓу другото би биле наменети за зајакнување на системите за воздушен надзор, како и зголемување на бројот на беспилотни летала.

Во писмо упатено до потпретседателката на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен и до еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Магнус Брунер, петмината министри наведуваат дека „повеќе од четири години се соочуваат со хибридни закани“ од страна на Белорусија и Русија, кои вклучуваат и инструментализација на мигрантите.

Министрите за внатрешни работи на Естонија, Игор Таро, на Летонија, Рихардс Козловскис, на Литванија, Владислав Кондратович, на Полска, Марцин Кирвињски и на Финска, Мари Рантанен, во писмото тврдат дека во последните месеци на териториите на овие пет земји од Белорусија и Русија навлегле дронови опремени со експлозивни направи, кои се доближиле до населени реони со што предизвикале директна закана по безбедноста на локалните жители.

Тие потсетуваат дека со поддршка на Европската комисија досега е зголемена заштитата на границите, подобрена е контролата на миграцијата и зајакнати се капацитетите за реакција на кризни ситуации, но дека во сегашната ситуација тоа не е доволно и дека се потребни понатамошни инвестиции за заштита на надворешните граници на Унијата.

Писмото следи откако минатата недела во поле со пченка во близина на местото Осини во источна Полска, се урна и експлодираше летечки објект, за кој полските власти тврдат дека бил руски дрон. При експлозијата беа искршени прозорци на неколку куќи околу местото на инцидентот.

Барањето на петте балтички земји членки на ЕУ доаѓа во време кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се наоѓа на неколкудневна турнеја низ источните земји на Унијата, меѓу кои и Бугарија, Естонија, Полска и Финска, при што покрај што одржа средби со своите домаќини, таа посети и неколку капацитети на одбранбената индустрија, како и контролни пунктови на надворешните граници на блокот. Својата турнеја низ „источното крило“ на ЕУ, Фон дер Лајен за завршува денеска со посета на Литванија и Романија.

To top