Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска во својата велигденска порака во Ватикан го повтори повикот за ослободување на израелските заложници и итен прекин на огнот во Газа.
– Уште еднаш повикувам на гарантиран пристап до хуманитарна помош во Газа, повторно повикувајќи на брзо ослободување на заложниците киднапирани на 7 октомври, како и итен прекин на огнот во Појасот Газа, рече тој.
Папата повика и на размена на сите затвореници меѓу Русија и Украина.
– Повикувам на почитување на принципите на меѓународното право и на општа размена на сите затвореници меѓу Русија и Украина, рече Папата пред околу 60.000 верници.
Папата Франциск го предводеше традиционалното велигденско бдение, кое траеше повеќе од два часа во базиликата Свети Петар во Рим. (МИА)