Човекот кој се обиде да го убие поранешниот американски претседател Доналд Трамп пребарувал на интернет како Ли Харви Освалд го убил поранешниот американски претседател Џон Ф Кенеди во Далас.
Ова денеска го изјави директорот на ФБИ, Крис Вреј, за време на сведочењето пред Комитетот за правосудство на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.
Реј рече дека од 6 јули, Томас Крукс „станал многу фокусиран на претседателот Трамп и неговиот предизборен митинг“ и пребарувал на Гугл „колку далеку бил Ли Харви Освалд од Кенеди кога го испукал фаталниот истрел“.
Директорот на ФБИ рече дека атентаторот на Трамп имал дрон што го поставил во близина на собирот околу два часа пред да пука и потврди дека истражителите го пронашле дронот во возилото на Крукс, велејќи дека ФБИ има причина да верува дека атентаторот гледал видеа кои ги пренесувал дронот за да ја извиди областа. (МИА)