Обединети нации планираат да повлечат поголем број од мировните сили во Либан до средината на 2027 година, откако ќе им истече мандатот на крајот од 2026 година, изјави портпаролката на ОН, Кандис Ардиел.
Привремените сили на ОН во Либан (УНИФИЛ) дејствуваат како тампон-зона помеѓу Израел и Либан од март 1978 година. Според резолуцијата усвоена во август минатата година, под притисок од САД и Израел, нивниот мандат истекува на 31 декември 2026 година, по што ќе почне постепено повлекување.
– УНИФИЛ планира постепено да го намали и повлече целиот, или барем поголемиот дел, од својот униформиран персонал до средината на 2027 година. По завршувањето на мандатот, ќе почне процес на репатријација на сините шлемови и опремата од Либан и предавање на позициите на либанските власти, истакна Ардиел.
Предвидено е УНИФИЛ да задржи ограничени функции, како што се заштита на персоналот и имотот на ОН и осигурување безбедно заминување на персоналот на ОН.
Мировниците моментално патролираат во јужен Либан во близина на границата со Израел и соработуваат со либанската армија, која работи на разоружување на Хезболах по прекинот на огнот, со што заврши војната меѓу Израел и шиитското движење во ноември 2024 година.
И покрај официјалното примирје, Израел продолжи да напаѓа цели во Либан, а УНИФИЛ постојано известува за израелски напади врз нивните позиции.
УНИФИЛ има приближно 7.500 војници од 48 држави, откако нивниот број претходно беше намален за речиси 2.000, а 200 треба да го напуштат Либан во мај.
– Ова намалување е директен резултат на финансиската криза на ОН и не е поврзано со крајот на мандатот на мисијата, нагласи Ардиел.
Либанските власти инсистираа да продолжи меѓународното воено присуство по повлекувањето на УНИФИЛ, дури и во ограничен формат, повикувајќи ги европските земји, што учествуваат во мисијата да останат во Либан.
Италија претходно соопшти дека ќе ги задржи воените сили по завршувањето на мисијата.
Претходно премиерот на Либан, Наваф Салам истакна дека на Либан ќе му треба меѓународно присуство, по можност под покровителство на ОН, додека шефот на француската дипломатија Жан-Ноел Баро, при неговата минатонеделна посета на Бејрут, наведе либанската армија треба да ја преземе улогата на УНИФИЛ по повлекувањето на сините шлемови.