ОН предупредија дека повеќе од милион Палестинци во Газа би можеле да достигнат највисоко ниво на глад до средината на следниот месец, доколку продолжи конфликтот.
Агенции на ОН, Светската програма за храна и Организацијата за храна и земјоделство, во заедничкиот извештај наласија дека гладот се влошува поради строгите ограничувања на пристапот до хуманитарна помош и колапсот на локалниот систем за дистрибуција на храна од почетокот на конфликтот меѓу Хамас и Израел.
Тие наведуваат и дека ситуацијата се уште е тешка на северот на Газа, кој Израел го окупираше и изолираше.
Израел неодамна дозволи отворање на копнени премини на север, но секојдневно влегуваат само неколку десетици камиони со помош за стотици илјади луѓе.
Во меѓувреме, упадот на израелската армија во Рафа сериозно ги прекина операциите за помош на југот.
Египет одби да го отвори својот премин Рафа со Газа откако израелските сили ја зазедоа палестинската страна пред речиси еден месец и наместо тоа ја пренасочува помошта кон блискиот израелски премин Керем Шалом.
Според скалата за глад на ОН, во март, околу 677.000 луѓе во Газа биле во петтата фаза на глад, што е највисоко ниво.