Новиот состав на Долниот дом на холандскиот парламент денеска положи заклетва – две недели по изборната победа на екстремно десничарската партија на Герт Вилдерс, која одекна низ цела Европа.
Сепак, разговорите за формирање нова владејачка коалиција се уште се во рана фаза. Специјалната работна група продолжува да разговара со лидерите на партиите кои на крајот може да создадат коалиција заради формирање на следната влада на Холандија.
Земјата сега е управувана од четирипартиска коалиција предводена од премиерот Марк Руте.
Лицето што ги води истражувачките разговори се очекува да поднесе извештај до парламентот, веројатно следната недела, за следниот чекор во процесот на градење коалиција.
Руте, кој е холандски премиер со најдолг стаж, ќе продолжи да ја извршува функцијата се додека следната влада не положи заклетва. Разговорите за формирање на најновата коалиција на Руте траеја околу девет месеци, што е рекорд.
Антиисламистичката и антиимигрантска Партија на слободата на Вилдерс на изборите на 22 ноември освои 37 мандати во Долниот дом на парламентот од 150 места, што го прави фаворит за наследник на Руте. Сепак, најмалку двајца негови потенцијални коалициски партнери се противат на некои од неговите предизборни ветувања, кои ги сметаат за неуставни.
Партијата Нов социјален договор на демохристијанот Питер Омзигт има 20 места во новиот долен дом на холандскиот парламент, но досега изрази неподготвеност да учествува во коалиција со Вилдерс.
„Не за исламските училишта, Курани и џамии“ во Холандија, гласи еден од слоганите на кампањата на Вилдерс. Сепак, во неговата програма не е прецизирано како ќе го постигне тоа.
Холандскиот устав ги гарантира правата на луѓето, вклучително и слободата на вероисповед.
Дилан Јешилгоз-Зегериус, новиот лидер на Народната партија за слобода и демократија, која долго време беше предводена од Руте, рече дека не сака либералната партија да влезе во коалиција со Вилдерс, но вети дека ќе поддржи централнодесничарска коалиција во парламентот. .
Новиот состав на долниот дом на холандскиот парламент е составен од 15 различни партии и за 67 од 150 пратеници тоа е нивниот прв мандат во законодавниот дом.