Свет

„Њујорк тајмс“: ЦИА има 12 тајни бази во Украина, долж границата со Русија

„Њујорк тајмс“: ЦИА има 12 тајни бази во Украина, долж границата со Русија

Американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) одржува 12 тајни бази во Украина, долж границата со Русија, објави Њујорк Тајмс, потенцирајќи дека тврдењето произлегува од повеќе од 200 интервјуа со сегашни и поранешни функционери во Украина, САД и Европа.

Според весникот, Украинците им се докажале на Американците пред војната, со собирање на пресретнати податоци кои помогнале да се докаже руската вмешаност во соборувањето на авионот на Малезија ерлајнс во 2014 година.

Украинците, исто така, им помогнале на Американците да ги гонат руските агенти кои се мешале во претседателските избори во САД во 2016 година.

Околу 2016 година, ЦИА започнала со обука на елитни украински сили, Единицата 2245, која заплени руски дронови и комуникациска опрема за да можат техничарите на ЦИА да ги расклопат и да ги пробијат московските системи за шифрирање.

Според „Њујорк тајмс“, еден од функционерите од таа единица е и шефот на воената разузнавачка служба – Кирило Буданов.

ЦИА, исто така, помогна во обуката на новата генерација украински шпиони кои работат во Русија, Европа, Куба и места каде што Русите имаат големо присуство.

„Њујорк тајмс“ додава дека деталите за партнерството меѓу украинските и американските разузнавачки агенции биле внимателно чувани веќе една деценија.

„Сега овие разузнавачки мрежи се поважни од кога било, во време кога Русија е во офанзива, а Украина повеќе се потпира на саботажа и ракетни напади со долг дострел за кои се потребни шпиони зад непријателските линии. И тие се во голем ризик. Доколку републиканците во Конгресот ја прекинат воената помош за Киев, ЦИА можеби ќе треба да ги намали своите активности“, пишува Њујорк Тајмс.

Во обид да ги убеди украинските лидери, Вилијам Барнс, директорот на ЦИА, во четвртокот беше во тајна посета на Украина, негова 10-та посета од почетокот на руската инвазија.

„Њујорк тајмс“ понатаму наведува дека партнерството меѓу ЦИА и Разузнавачката служба на Украина (ДИУ) започнало во февруари 2014 година, кога поранешниот претседател Виктор Јанукович пребегна во Русија.

Оваа соработка била предложена од Валентин Наливаиченко, кој стана шеф на Службата за безбедност на Украина (ССУ).

Американскиот закон им забранува на разузнавачките агенции да ѝ дадат на Украина каква било поддршка што би можело да се очекува да има „смртоносни последици“.

Сепак, црвените линии никогаш не беа јасно дефинирани, што создава постојана тензија во партнерството, наведува весникот.

Во Киев, Наливаиченко избра долгогодишен помошник, генералот Валери Контратиук, шеф на ДИУ, и тие создадоа нова паравоена единица распоредена зад руските линии за да спроведува операции и да собира разузнавачки информации до кои ЦИА и МИ6 не можеа да пристапат.

По инцидентот што се случи кога групата на Буданов влезе на Крим во 2016 година, Американците биле многу лути и се заканиле дека ќе ја прекинат програмата (соработката).

После тоа, тогашниот шеф на ЦИА Џон Бренан му се јавил на генералот Кондратјук за да нагласи каде се црвените линии. Генералот бил вознемирен.

„Ова е наша војна, мора да се бориме“, одговорил генералот, според неговиот колега.

Њујорк тајмс пишува дека реакцијата на Вашингтон го чинела Кондратјук – работното место.

„Њујорк тајмс“ додава дека за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп, ЦИА и ДИУ ја прошириле соработката за да вклучи специјализирани програми за обука и изградба на дополнителни тајни бази.

Се додава дека односот бил толку успешен што ЦИА сакала да спроведе таква релација со другите европски разузнавачки служби кои споделуваат заеднички интереси да и се спротивстават на Русија.

Шефот на „Руската куќа“, одделот на ЦИА кој ги надгледува операциите против Русија во странство, организирал таен состанок во Хаг.

Претставниците на ЦИА, британската МИ6, ДИУ, холандската служба и други агенции се договорија да ги соберат информациите што ги имаат за Русија.

Како резултат на тоа, била создадена тајна коалиција против Русија, а Украинците биле важни членови.

Почнувајќи од ноември 2021 година, ЦИА и МИ6 испратија пораки до нивните украински колеги дека Русија се подготвува за копнен напад за соборување на украинската влада и инсталирање на свои луѓе во Киев, по наредба на Кремљ.

Разузнавачките податоци ги наведоа имињата на украински функционери кои Русите наводно планирале да ги убијат или фатат, како и Украинци кои Кремљ се надевал дека ќе ги стави на власт.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и некои од неговите главни советници „изгледаа незаинтересирани“, дури и откако директорот на ЦИА Барнс отпатува во Киев во јануари 2022 година за да ги информира.

Како што се приближувал рускиот напад, претставници на ЦИА и МИ6 го посетија Киев и се сретнале со нивните украински колеги.

Еден од службениците на МИ6 се расплакал пред Украинците, плашејќи се дека Русите ќе ги убијат, пишува „Њујорк тајмс“.

Во тоа време, „старите бариери паднаа, а Белата куќа на Џо Бајден им дозволи на шпионските агенции да обезбедат повеќе разузнавачки информации за смртоносните операции против руските сили на украинска територија“, се вели во написот во весникот Њујорк Тајмс.

Написот, исто така, цитираше висок украински функционер дека во најмалку еден случај, ЦИА споделила информации со Украина кои помогнале да се спречи заговор против Зеленски.

Подоцна, некои офицери на ЦИА биле испратени во украинските бази. Тие ги разгледале списоците на потенцијални руски цели што Украинците се подготвуваа да ги нападнат, споредувајќи ги украинските информации со американските за да ја потврдат нивната точност.

Меѓутоа, неодамна имаше одложување на одобрувањето на пакетот помош од САД, па украинските разузнавачи ги прашаа своите американски колеги дали САД креваат раце од нив.

Зборувајќи за посетата на Барнс на Киев минатата недела, портпаролот на ЦИА рече дека е докажана цврстата посветеност на САД кон Украина и дека посетата е уште еден силен сигнал дека американската посветеност ќе продолжи.

To top