Невообичаено топло време зафати делови од западна Европа, каде што на крајот на февруари се регистрирани температури типични за пролет, па дури и за лето, а на некои места се соборени и месечните рекорди.
Во југозападниот дел на Франција вчера се измерени температури меѓу 25 и речиси 30 степени Целзиусови, значително над сезонскиот просек, пренесува денеска „Паризјен“.
На главните мерни станици рекордите за февруари, кои се движат меѓу 27 и 29 степени, не се соборени, но температурите значително им се приближија. Сепак, на поединечни секундарни станици се забележани нови февруарски рекорди. Во Сен Глади се измерени 29,6 степени Целзиусови, со што е надминат претходниот рекорд од 27 степени Целзиусови. Во Ортез се забележани 28,3 степени Целзиусови, а во Ломе 26,3 степени Целзиусови, со што се надминати претходните максимални вредности за февруари.
Метеоролозите наведуваат дека ваквата ситуација е последица на комбинација на атмосферски и географски фактори. Над Франција се задржува антициклон, додека циклон кај брегот на Португалија насочува топол воздух од северот на Африка кон западна Европа.
Дополнително загревање предизвика и таканаречениот фен ефект на француската страна на Пиринеите. За наредните денови се прогнозира пад на температурата на југозападот на Франција за околу пет степени, додека во северните делови на земјата би можело да дојде до понатамошен пораст, со можност за нови февруарски рекорди.
Истовремено, невообичаено високи температури се забележани и во Швајцарија. На мерната станица во Цеви, во кантонот Тичино, температурата вчера помина 20 степени Целзиусови, што е првпат оваа година.
Според податоците на Сојузната служба за метеорологија и климатологија МетеоСвис, прагот од 20 степени Целзиусови на јужната страна на Алпите е достигнат околу три недели порано отколку што е просекот за периодот од 1991 до 2020 година, кога таа вредност во просек се бележи околу 15 март.
Експертите напоменуваат дека датумот на првото достигнување на 20 степени може значително да варира, така што во 2013 година таа граница е помината веќе на 4 јануари, додека во 1941 година температурата над 20 степени Целзиусови првпат е забележана дури на 21 мај.