Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги негираше тврдењата дека САД го убедиле Израел да не ги проширува своите воени операции.
„Видов лажни публикации во кои се тврди дека САД нè спречиле и не спречуваат да спроведуваме борбени операции во регионот“, рече Нетанјаху на неделниот состанок на владата, без да прецизира на кои извештаи се однесува.
„Тоа не е точно. Израел е суверена држава. Нашите одлуки во војната се засноваат на нашите оперативни размислувања и нема да навлегувам во детали за тоа“, додаде Нетанјаху.
Весникот Волстрит журнал вчера објави дека Нетанјаху бил убеден од американскиот претседател Џо Бајден да не ја напаѓа милитантната група Хезболах во Либан поради стравувањата дека ќе започне напад против Израел сличен на оној на Хамас на 7 октомври против населбите во јужен Израел.
Нетанјаху денеска нагласи дека акциите на Израел „не биле диктирани од надворешен притисок“.
„Одлуката за тоа како да ги искористиме нашите сили е независна одлука на Израелските одбранбени сили и на никој друг“, рече тој. (МИА)