Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е против можен договор за нов прекин на огнот во Газа и за ослободување на заложниците „по секоја цена“, објави синоќа „Тајмс оф Израел“, цитиран од ДПА.
„Имаме црвени линии“, истакна израелскиот лидер, потврдувајќи ја релевантноста на неговите претходни изјави дека Израел нема да ги повлече своите војници од Појасот Газа и нема да ослободи „илјадници терористи“ од затворите за да гарантира договор за заложниците.
Според израелскиот Канал 12, шефот на разузнавањето на Мосад, Давид Барни, во понеделникот ги информирал министрите во кабинетот за основите на можниот договор. Тоа вклучува ослободување на 35 жени, ранети, болни и постари заложници во првата фаза, во која борбите ќе бидат прекинати пет недели.
Палестинското исламистичко движење „Хамас“ сè уште не се изјасни за нацрт-договорот за прекин на огнот, објави „Тајмс оф Израел“. Се очекува Хамас да одговори преку Катар.