– Разговаравме за најновите случувања во војната, вклучително и заложбата на Израел за постигнување на сите цели на војната – елиминирање на Хамас, ослободување на сите наши заложници и обезбедување Газа повеќе да не претставува закана за Израел. Разговаравме и за обезбедување на потребната хуманитарна помош за цивилното население, рече Нетанјаху.
Белата куќа претходно денеска соопшти дека Бајден и Нетанјаху имале телефонски разговор, прв по повеќе од еден месец, за развојот на ситуацијата во Појасот Газа, особено во Рафа.
Американскиот претседател го поддржува Израел по нападот на палестинското движење Хамас на 7 октомври, но сега сè повеќе се дистанцира од Нетанјаху.
Тој неодамна оцени дека израелскиот премиер „повеќе ѝ прави штета отколку добро“ на својата земја со тоа што води војна во Газа, каде бројот на жртви продолжува да расте, а катастрофалната хуманитарна ситуација продолжува да се влошува.