Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повторно го повика Хамас да направи отстапки пред натамошните преговори за нов прекин на огнот и враќање на заложниците кои се држат во Газа, јави ДПА.
„Вложуваме големи напори за да успееме, но едно нешто ви е јасно – нема да капитулираме пред нереалните барања на Хамас“, рече десничарскиот политичар во говорот во Тел Авив синоќа.
Израел денеска не испрати преговарачки тим на најновите разговори во Каиро со цел постигнување примирје во Газа и размена на заложници кои ги држат милитантите на исламистичката група за палестински затвореници во Израел.
Сепак, делегација на Хамас пристигна во главниот град на Египет.
Меѓу другото, Израел бара список на заложници кои сè уште ги држи Хамас пред да се согласи да учествува во разговорите со посредство на САД, Египет и Катар.
Нетанјаху рече дека е премногу рано да се каже дали ќе има солидна основа за договор во следните неколку дена.
Израел, исто така, сака јасност за тоа колку палестински затвореници од Хамас да бидат ослободени за секој ослободен заложник. Според неодамнешните извештаи во странските медиуми, во нацрт-договорот за кој се разговараше последните денови, за 400 Палестинци во израелските затвори би можело да бидат разменети 40 заложници.
Но, израелскиот премиер рече дека допрва треба да добие задоволителни одговори за израелската загриженост и го отфрли меѓународниот притисок да склучи примирје со Хамас пред Израел да ги постигне сите свои цели.
„Со или без договор, ќе се бориме до целосна победа“, нагласи Нетанјаху. (МИА)