Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски смета дека Русија „ја загубила конфронтацијата“ што ја започна со упадот на дронови во Полска на 10 септември. Во интервју дадено на маргините на конференцијата Јалта Европска Стратегија (YES) во Киев, Сикорски изрази оптимизам во врска со одговорот на НАТО и понатамошниот развој на настаните, пишува Kyiv Independent.
„Мислам дека Русија ја загуби оваа конфронтација“, изјави Сикорски.
Тест за НАТО
За време на нападот, Полска успеа да собори само три или четири од вкупно 19 дронови што влегоа во нејзиниот воздушен простор, а еден од нив падна речиси 400 километри западно од украинската граница. Инцидентот ги принуди сојузниците на НАТО да подигнат борбени авиони вредни милиони долари за да се соочат со дронови чија вредност се мери во илјадници.
Варшава по нападот формално побара консултации според Член 4 од Договорот на НАТО, кој им овозможува на членките да дискутираат кога сметаат дека нивната безбедност е загрозена. Тој чекор сепак не ја достигнува тежината на Член 5, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите. НАТО на 12 септември најави нова операција за одвраќање под името „Источен стражар“, но Сикорски објасни зошто Русија не се соочи со одмазда: „затоа што имаше само помала материјална штета и никој не загина.“
На прашањето дали „смрт на луѓе“ или напад врз аеродромот Жешов, клучно логистичко јадро за помош на Украина, би било доволно за активирање на Член 5, Сикорски се согласи. „На тоа Русија опасно се доближува“, додаде тој. „Некои медиуми шпекулираат дека патеката на некои дронови водела кон Жешов, главниот аеродром низ кој минува опрема за Украина. Нашата прва должност е да го заштитиме тоа од руска саботажа, шпионажа и кибер напади.“
Јакне соработката со Украина
Полскиот министер смета дека рускиот напад бил обид за тестирање на одбраната и решителноста на НАТО на источниот фронт. Иако одговорот на Полска го оцени како успешен, тој призна дека земјата мора подобро да се подготви за идни напади. Заканата се потврди само неколку часа по интервјуто, кога руски дрон влезе во воздушниот простор на Романија.
Украина понуди помош на Полска во зајакнување на способностите за електронско војување и пресретнување дронови, користејќи поевтина опрема за нивно соборување. Полското министерство за одбрана потврди на 12 септември дека експерти од двете земји ќе вежбаат користење на системи против дронови на полска територија.
„Тоа е уште една работа што (рускиот претседател Владимир) Путин ја постигна со овој напад. Нашата јавност сега бара поблиска соработка со Украина, бидејќи вие имате најново, најрелевантно искуство“, рече Сикорски, додавајќи дека Путин „можеби ја забрза полско-украинската соработка во производството на оружје.“
„Затворањето на небото над Украина повторно е на маса“
Сикорски потврди дека по нападот врз Полска повторно би можела да се разгледа идејата за затворање на дел од украинскиот воздушен простор со користење на противвоздушна одбрана стационирана во земјите членки на НАТО. „Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, повторно ја потврди оваа украинска понуда… мислам дека со своите постапки претседателот Путин можеби ја унапреди оваа идеја затоа што ние заедно управуваме со нашиот простор, а мислењето се движи кон таа идеја“, рече тој.
И покрај сè, Сикорски верува дека НАТО покажа единство и подготвеност. „Верувам дека ѝ покажавме на Русија дека НАТО е подготвен и обединет“, заклучи тој.
Од другата страна, изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп не беа толку охрабрувачки. Трамп за Fox News, коментирајќи го нападот врз Полска, рече дека „нема да брани никого.“ Подоцна додаде дека би ја погодил Русија со „големи“ санкции само ако сите членки на НАТО се обединат, престанат да купуваат руска нафта и воведат царини кон Кина.
Сикорски го поддржа барањето на Трамп за прекин на увоз на руска енергија, прозивајќи ја при тоа Унгарија, но беше повнимателен околу прашањето за царини кон Кина. „Треба да го санкционираме агресорот. А агресор е Руската Федерација. Ние во Европа воведовме 18 пакети санкции. Работиме на 19 пакет“, рече Сикорски.
Што би значело затворање на небото?
Кога се зборува дека НАТО би можел „да го затвори небото“, се мисли на воведување зона забранета за летање (no-fly zone) над одредено подрачје.
Во пракса тоа би значело дека НАТО би распоредио противвоздушна одбрана и борбени авиони за да спречи непријателски авиони, проектили или дронови да влезат во тој воздушен простор. Ако некоја летелица сепак влезе, би била соборена.
Во контекст на Украина, затворањето на небото би значело дека НАТО би ја презел контролата над дел од украинскиот воздушен простор, користејќи системи за противвоздушна одбрана стационирани во земјите членки на НАТО (на пр. Полска, Словачка или Романија), со што Украина би била дополнително заштитена од руските ракетни и дронски напади.
Ако НАТО го затвори небото над Украина или барем дел од него (на пример долж границата со Полска и Романија), тоа би значело де факто влез во војна со Русија, бидејќи сојузниците би морале да ги соборуваат руските авиони и ракети. Поради огромниот ризик од поширока војна, оваа опција досега секогаш била одбивана, но со зачестените инциденти како нападите со дронови врз Полска и Романија, таа повремено се враќа во политичките расправи.